“Институциите – една од причините за сиромашна Македонија”
Од сите земји во светот само 25 земји се сметаат за богати, другите се наоѓаат некаде помеѓу ужасна сиромаштија и сиромаштија. Што ги прави тие земји богати, а Македонија на пример сиромашна?
Политички теоретичари формулирале теорија со три главни услови: географски, културни и институционални.
Географски услови: Сиромашните земји се обично погодени од неповолни услови за земјоделство, најмногу поради огромниот број на болести и лоши временски услови. Неможноста на сиромашките земји да создадат вишоци на храна, се смета како една од главните пречки за создавање и акумулирање на материјални добра, кои подоцна ќе се искористат за технолошко и културно унапредување на општеството. Македонија, не пати од тешки временски услови, има четири годишни времиња и многу можности за развивање на речиси било како вид на земјоделство. Ваквата благодат ни овозможува да ги задоволуваме нашите потреби без било каков проблем, притоа создавајќи огромни вишоци за извоз. Сепак, денес се повеќе ниви се запуштени а државата во сериозен недостаток на институционална стратегија, не успева да ги собере благодатите од добрата клима и богата земја. Подкатегорија на географијата е и транспортот. Сиромашните земји не располагаат со добри транспортни мрежи, што ја забавува нивната економија и ги прави неконкурентни. Македонија пати токму од ваквиот слаб развој на инфраструктурата. Иако е крстосница на балканот, државата не располага со добри автопатишта, нема доволно развиена железничка мрежа и авио-транспорт.
Култура: Самиот збор ретко кога асоцира на нешто негативно, но начинот на кој луѓето се однесуваат, размислуваат и во што веруваат, се дел од културата и токму тие можат да бидат кочница за економскиот успех. Според овие теории, култура во едно општество е обично одредител на голем број навики кои се создаваат во зависност од тоа што се смета за прифатливо. На пример, дали се смета за прифатливо да се обидете да ги изиграте и прекршите правилата, да ги искористите институциите за своја лична придобивка или дали сето тоа е казниво не само правно туку и нормативно со неприфаќање на таквото однесување во самото друштво. Исто така клучна е култура на претприемништво која на пример во Македонија е слабо развиена.
Интересно е што ваквите теории, географските и културните придобивки ги вреднуваат само во контекст на институционалните. Според политичките теоретичари, најбогатите земји на светот се богати само затоа што располагаат со добри институции. Корупцијата и сиромаштијата според нив се тесно поврзани и се взаемен производ. Кога институциите се корумпирани, тие запаѓаат во така наречената „даночна стапица“. Во тој случај институциите или не можат да соберат доволно данок за да ја подобрат својата функционалност или пак доколку ги соберат средствата тие се одливаат во оф-шор сметки со што создаваат недостаток на средства за економски развој. На овој начин парите кои инаку би се користеле за унапредување на образованието, здравството, инфраструктурата и полицијата, никогаш не стигнуваат и го разјадуваат системот одвнатре. Корумпираноста и клиентелизмот се главен проблем во унапредувањето на администрацијата и селекцијата на кадри. Клиентелизмот подразбира вработувања по партиска линија, непотизам, етничка припадност и пријателства, со што институциите се лишуваат од интелигентниот и талентиран дел од популацијата. Парадоксално, но најсиромашните земји на светот се често најбогати со ресурси, е токму тука државите со лоши институции паѓаа во така наречената „ресурсна стапица“. Земјите со добри институции ќе знаат да ги искористат своите ресурси за унапредување на општеството и ќе го спречат криминалното и не стратегиско распродавање. Земјите со слаби, партизирани и корумпирани институции ќе ги распродадат ресурсите и клучните државни претпријатија во криминални зделки и по неповолни услови за државата.
Колку од ова што го прочитавте го гледате секојдневно во Македонија?
Македонија по прогласувањето независност се најде на крстопат, во кој мораше да го избере новиот модел на институции кои ќе го балансираат преминот од социјализам во капитализам. Во таа далечна 1991 година многу земји се соочуваа со истите дилеми. Држави како Словенија и Словачка се барем десет пати поуспешни приказни од нас. Зошто е тоа така?
Одговорот е едноставен. За успешно функционирање на институциите како што видовме погоре важни се стабилен систем, правилно регрутирање, јасно оцртани ингеренции и немешање на политиката во нивното функционирањето. Во Македонија го добивме токму спротивното. Наместо создавање институции кои ќе функционираат по принципот на кариера, т.е ќе ги добиваат своите раководители независно од партиската определба, ние го одбравме системот на тотална партизација. Од 1991 година успеавме да создаде партиска и бизнис олигархија, кои со својата моќ и влијание спроведоа екстремно корумпирана и криминална приватизација, што придонесе за создавање на клиентелистички систем. Тоа доведе до распродажба на државен капитал од огромно значење во многу сомнителни и криминални процеси, како на пример продажбата на Телеком, ЕСМ, на третиот оператор и безброј други. Ваквиот систем наместо да биде искоренет , беше унапреден од секоја наредна влада за одржување на власт, со партиски вработувања и реваншизам за вработените од другата партија. Охридскиот рамковен договор е уште еден „светол“ пример за поткопување на институциите, затоа што вработи огромен број луѓе, кои никогаш не поминале ни ден на работното место, а сепак се на платниот список. Пренатрупувањето на институциите со вработени само заради добивање избори, е контрапродуктивно и ја намалува нивната ефикасност.
Последнава деценија ја одбележа уште еден „убав“ тренд на целосно поткопување на институциите со што нивниот кредибилитет и функционалност е сведена на минимум и исклучиво во партиски интерес. Од ваквиот развој на настаните најмногу трпат граѓаните, кои со денови се шеткаат од шалтер на шалтер, кои со години се судат и тужат по судови, кои се чувствуваат незаштитено од полицијата, изневерено од здравството и образованието и на крај оставени на цедило од институциите. Судството е највоочлив проблем, со процеси кои траат со години, сомнителни пресуди, лоша организираност и огромен број на случаи кои стигнале до Стразбург кои ја чинат државата милиони евра.
Сутиацијата придонесе за огромен одлив на млади и талентирани луѓе кои ја чинат македонската економија милијарди. Недостатокот на стратегија во образованието создава кадри за кои стопанството нема никаква потреба. На пример произведувањето на 1000 правници и економисти секоја година наспроти еден хемичар или физичар. Македонската јавност останува глува на неправдите поради клиентелистичкиот однос на медиумите, секој протест се партизира и клиентизира, па се дојде и дотаму што буквално може да си платите луѓе да ви дојдат на протест. Парализирањето на институциите создаде атмосфера на страв и незаштитеност, на нееднакви можности за домашните бизнисмени кои споредено со странските се како гулаби за отстрел. Еден македонски бизнисмен во казни годишно исплаќа онолку колку што еден странски инвеститор ќе плати данок во 5 години.
Поседувањето на географски и културолошки предности, нивното менување, прилагодување и искористување за доброто на граѓаните исклучиво зависи од правилно функционирање на институциите. Се додека дозволуваме политичарите да го партизираат и клиентилизираат системот, можеме удобно да се сместиме во стапицата на сиромаштијата, затоа што уште долго ќе си живееме тука.
ristogjorgjiev.wordpress.com/2015/07/18/институциите-една-од-причините-за-си/