Ристо Ѓоргиев-Водоча – (не така) кратка историја – до 1905

Како што рековме во претходниот текст, и покрај турското владение Водоча останала христијанска, а и понатаму седиште на Струмичката епархија. Од она што го знаеме од патописците кои ја посетиле струмичката котлина, во таа доба нејзин заштитен знак биле лозјата. Ваквиот изглед на котлината а и водочкото поле полека ќе почне да се менува. Оттука ќе започне и осиромашувањето на селото. Биле воведени бројни даноци. Основниот данок бил ушурот, кој изнесувал една десеттина од приносот и производството. Нашиот народ најтешко го поднесувал „данокот во крв”, наречен девширме, што се состоел во насилно одземање на христијански деца за пополнување на јаничарскиот корпус: „Данокот во крв” се собирал сè до почетокот на XIX век, кога бил укинат јаничарскиот корпус како војнички ред. За жал не постои податок колку водочани завршиле во јаничари.

Дел од украси за женска облека, најдени во Водоча

Еден посебен пример за данок кој ја погодил Водоча, а и струмичката котлина а вреди да се издвои е и вонредниот данок кој во мај 1566 година им бил побаран на кадиите во Струмица, Штип, Скопје и уште десеттина други соседни македонски, бугарски и српски околи. Имено, им било наредено од населението да соберат вкупно 223.690 овци, кои ќе бидат испратени во Белград, како подготовка за обидот на султанот да ја освои Виена. Струмичкиот кадилук бил должен за овој контингент да даде стадо од 25.900 глави овци. Тоа речиси за испразнило котлината од овци.

Акче, турска монета користена како платежно средство, најдена во Водоча

Како запишани податоци за тоа како функционирало и што произведувало селото пак можеме да се навратиме на турските дефтери од 1570 година. Во нив стои дека таа година во селото биле произведени 60 товари пченица, 46 товари мешано жито, уров, свила, градинарски култури, кромид, краставици, праз, тиква, грозје и вино, овошје посебно цреши, како и ореви и бадем, сено и трева, а се чувале и свињи и пчели. Самите жители, војводи, паши и спахии во Водоча имале вкупно 19 воденици. Како што може да се забележи околу селото има големиот број на воденици, а тоа се должи пред се на силната вода од река која тука излегува од клисурестата долина во полето. Според пресметките од турските дефтери во XIV век во селото Водоча се остварувало приход и се плаќало годишен данок во износ од 13 928 акчиња.

Црешите во Водоча имаат вековна традиција

На сметка на тоа пак, Турците во нашите краишта, па и во Струмичко, донеле и нов вид на запрежна стока, биволи, кои дотогаш во Македонија не биле познати. Водочкото поле за првпат ќе се запознае и со нови земјоделски култури, како памук, ориз, и сусам, а подоцна се прошириле тутунот (донесен од Америка) и афионот. Тогаш за првпат биле донесени и лубениците. Овој период на почетокот на 1500-те се одликува и по тоа што во овој регион ќе се појават првите ајдуци. Меѓу нив веројатно имало водочани ако се има предвид дека во селото живееле доста искусни војници, што се гледа од археолошките наоди.

Накит пронајден во Водоча, во гроб на девојка од благородничко семејство

Овој период на турското владеење се карактеризира и со доселувања на трговци во градот Струмица, затоа што трговијата и занаетчиството биле доминантно градски професии. Што се однесува до трговијата, таа се наоѓала во рацете на разни инородни, нетурски елементи, како Евреи, Ерменци, Грци, Власи, потоа Дубровчани,
Венецијанци и други. Тие во овој период се населиле во Струмица, но нема податоци дека се населиле во Водоча, која останала доминантно „баштанска“.

Обетка од истиот тој гроб

Археолошките наоди од периодот по 1700 година укажуват дека населението во селото продолжило да живее во прилично добри финансиски услови, што може да се види од накитот пронајден околу манастирот.

Прстенот пронајден во гробот на младата благородничка сугерира дека населението продолжило да биде доминантно христијанско и со огромна почит продолжило да го гаи вековниот култ кон божицата мајка.

Прстенот, со својот флорален-цветен мотив го покажува длабоко меморираниот симболизам со својот (кој има допирни точки со мотивот на кринот, лотосот итн.), а во христијанската култура ce препокрива со соодветно религиозно значење. Неговото значање може де се преведе како „Роза на небесата“ што се поистоветува со Дева Марија, уште еден во низата докази за тоа колку бил силен култот кон плодноста и божицата мајка.

Прстенот најден на младата благородничка

Еден интересен факт за Водоча можеме да најдеме во писанијата околу укинувањето на Охридската архиепископија што се случило во 1767 година. Со нејзиното укинување, Цариградската Патријаршија дополнително ги зацврстила своите позиции како во Македонија, така и во Струмичко и богослужбите почнале да се извршуваат на грчки. Во тие писанија се укажува на фактот дека словенската богослужба и црквено-словенската писменост, во првите две-три децении од 19 век биле скоро сосема уништени. Па сепак, дури и во тоа време богослужбата на старословенски јазик, според тврдењето на бугарскиот митрополит Герасим, се одржувало единствено во селото Водоча, додека Вељушкиот манастир бил во рацете на патријаршијата.

Водоча останала едно од упориштата на Охридската Архиепископија и по нејзиното укинување

Укинувањето на Охридската архиепескопија ќе придонесе и за пад во значењето на Водоча како седиште на струмичката епархија. Периодот по 1760 година се одликува со се помалку археолошки пронајдоци околу манастирот, што може да се препише на тоа што грчката пропаганда не била посебно заинтересирана за Водоча, која продолжила да биде седиште на словенството во котлината. Ваквиот развој на настаните ќе ја префрли Водоча на маргините од котлината, и полека ќе го почне да го носи селото во зимски сон. Познато е дека во 14 век манастирот претрпува катастрофален пожар, но по кобни за селото и манастирот ќе бидат двата силни земјотреси, едниот за кој Попот Марко од Ново Село запишал дека се случил 1863 година на 21 август рано наутро. Вториот земјотрес се случил 1931 година и целосно го разурнал манастирот.

Земјотресот во 1931 година ќе го сведе и така разурнатиот манастир на само неколку рушевини

Во овој период околу 1860 се среќаваат податоци дека во водочката црква литургија продолжила да се изведува на словенски јазик. За тоа најзаслужен за тоа бил попот Тодор Жилков, за кој единствен друг податок кој постои е дека извесно време одлежал затвор во Серес. Овој период е карактеристичен и по тоа што во струмичката котлина ќе почнат да се отвараат голем број на училишта. Со залагањето на видниот селанец Димчо Хаџи Пенев, во 1866 година било отворено првото училиште во Ново Село. Ваквиот пример наскоро ќе го следат и селаните од Дабиља, Василево, Водоча и Сачево, чии училишта биле отворени во истата година, што значи првото световно училиште во Водоча било отворено 1866 година.

Училиштето кое се наоѓа на само неколку метри од манастирот своето отварање го имало 1866 година

Периодот кој следува, ќе се одликува со големото влијание како на грчката така и на бугарската пропаганда, во целата струмучка котлина. Со создавањето на бугарската Егзархија во февруари 1870 (санкционирана и од султанот во 1872 година) и особено формирањето на бугарската држава во 1873 година, нова бура ќе ја зафати струмичката котлина. Состојбата дополнително ќе со влоши поради инсистирањето на странските пропаганди да го променат карактерот на преродбенското движење во Македонија и да го насочат кон својот интерес. Знаејќи ја слабоста на своите позиции во Струмичко, Егзархијата (сè додека во 1897 година не успеала да постави свој владика и овде) на Струмичката епархија ќе и обрнува секогаш посебни грижи и внимание. Но, тоа многу не и помогнало. Во султанскиот ферман, со кој бил санкциониран актот за создавање на Егзархијата, Струмичката епархија останала надвор од егзархискиот диецез. Со тоа Водоча продолжила да биде центар на македонското црковно живеење, без влијание на бугарската и грчка црква.

Попис 1878 година каде за сите христијани се користи графата Бугари

Интересен е податокот дека крајот на 1800те во овие црковни пропаганди ќе успејат да извршат доволно силен притисок над турските власти да се спроведе попис на населението кои тие ќе го искористат во своја корист. Пописот на населението под насловот „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“ бил ставен во книга која била издадена во 1878 година во Константинопол а во неа се спомнува и Водоча. Имено таа година во селото има 40 куќи и 73 жители. Жителите се заведени под две графи христијани и муслимани, а сите жители на селото се изјасниле како христијани. Типично за тој период било сите христијани да се попишуваат како Бугари, а на пописот не постоела опција за изјаснување националност.


Бугарската пропаганда за прв пат ќе успее официјално да навлезе во струмичката котлина во декември 1897 година кога турската влада издала три берати (за Струмичка, Битолска и Дебарска епископија) со што Струмица за прв пат добила бугарски владика т.е архимандритот Герасим.(кој е споменат погоре во текстот) Тој ќе остане запаметен како еден злокобен човек кој активно ќе работи против македонските интереси и на народот ќе му донесе големи страдања.

Гоце Делчев

За среќа на струмичката котлина во тоа време ќе се појави и почне да дејствува ВМРО, па населението ќе успее да одолее во одредена мера на странските пропаганди. За тоа ќе придонесе Гоце Делчев кој неколку пати ќе ја посети струмичката област. Всушност, струмичката котлина станала плодна почва за револуционерната дејност на ВМРО. Гоце првпат ја посетил Струмица во 1895 година на пат од Кукуш за Штип. Тој повторно престојувал во Струмичко, и тоа на двапати во 1897 година. Така, Гоцевиот прв биограф П. Јаворов соопштува дека околу Петровден (12 јули 1897) Гоце Делчев, со една мала чета, останал повеќе дена во Струмичко. Не постојат пишани докази дали тој ја посетил Водоча во тој период, но за селската слава на селото токму во негова чест е избран Петровден.

Нешто подоцна богатите и разноразни активности на ВМРО ќе придонесат за бурни настани пред Илинденското востание, со многу затварања апсења и измачувања на населението. Тоа ќе придонесе Струмичкиот округ да биде слабо подготвен за почетокот на востанието и токму затоа востанието нема да земе голем замав во струмичката котлина. Како што споменав тоа е последица на така наречените „провали“. Првата тешка провала во струмичко била така наречената „Новоселска афера“ и се случила во пролетта 1900 година. Втората „провала“ ќе биде директно поврзана со Водоча. Имено, во септември 1902, едно судрување на турски аскер со четата на Андон Ќосето (тој бил родум од Велешко), во селото Бориево придонело за голем број на апсења и конфликти низ котлината. Веднаш биле затворени 17 лица од селото, додека четворица станале нелегални и се вклучиле во четите на Организацијата. Започнатото полициско иследување, и судскиот процес ја прошириле провалата во низа други села: Моноспитово, Босилово, Куклиш, Дабиле, Муртино, Ново Село, Робово, Сачево, Пиперово, Попчево, Белотино, Дрвош, Водоча, Вељуса, Барбарево, Нивичино и други. Само од Ново Село, повторно биле затворени околу сто селани. Вкупно во овие рации биле затворени 428 лица, но поради непризнавање на обвиненијата, биле осудени и затворени во Солун само 26 лица.

Податоци од пописот 1905 година

Во 1905 година ќе биде извршен уште еден попис на населението, на кој за жал повторно ќе нема можност населението да се изјасни како македонско. На овој попис може да се забележи мал раст на населението во селото од последниот во 1878 година, па така во 1905 година заведени се 112 жители, сите христијани, кои и припаѓале на Егзархијата (Бугарската црква). Во овој период Водоча веќе била под Егзархијата, иако манастирот бил во лоша состојба, на не се знае дали во него во овој период се одржувале богослужби.

Продолжува…

Напишете коментар