Ристо Ѓоргиев-Водоча – (не така) кратка историја, Св. Кирил и Методиј

Денес, реката Водочница само повремено тече во своето некогашно корито. Тоа носи и одредена симболика за тоа како времињата носат изобилие или суша. Така некако и малата Водоча се одликува со богати и помалку богати историски периоди.

Владеењето на Римјаните нема долго да трае, по падот на западното римско царство, ќе настапат бурни времиња како во Македонија така и по течението на Водочница, која сливајќи се во Струма патува се до Егејот. Сепак, Римјаните со своите градежни потфати ќе остават траги посебно во селото Банско, каде ќе изградат одлична термална бања, чии рушевини и денесе гордо стојат.

Остатоци од бања во задниот дел на манастирскиот комплекс

Но и во малата Водоча веднаш зад манастрскиот комплекс се наоѓаат остатоци од една таква слична бања која ќе остане во употреба се до доцното средновековие.

Одлика на период до населувањето на Словените е тоа што доста често градовите тврдини се управувани од локални моќници. Струмица ќе остане град со своја самоуправа се до VI век кога доселувањето на словените целосно ќе го промени лицето на струмичката котлина. Струмјаните или Струмци, ќе ја населат котлината и полека преземат Струмица. Овие настани се документирани во житието на Петнаесте Тивериополски маченици, напишано од Теофилакт Охридски, каде се вели дека аваро-словенските племиња го опожариле градот Тивериопол.

Византискиот императорот Никифор I (802-811) се обидел да ја разбие македонската етничка хомогеност во Струмица, со носење на колонисти од областа Витинија, Мала Азија. Но, овој план ќе биде неуспешен, пред се поради војните со бугарскиот владетел Крум, кои ќе резултират со разрушување нас Струмичката тврдина и целата околина. По ваквиот развој на настаните колонистите ќе заминат, а лутината изгледа сѐ уште ги држи, затоа што и ден денес во Водоча не живее ни еден азиец.

Плодноста на струмичката котлина е непресушна па така, ова несреќа, ќе донесе нови подобри времиња. Ова доба е можеби најбурна но и најисториски значајна за малото селце. Во почеток на 50-тите години на IX век Струмица станува значаен центар во регионот како трговски така и религиозен. Тивериопол е центар на Тивериополската област која се простира до реката Брегалница, а за чиј царски намесник набрзо ќе биде поставен, лично Свети Методиј.

Златната доба на малото селце започнува тука. Источното Римско царство за официјална религија го има христијанството, па во својата мисија да ја управува областа административно, Методиј добива задача да го прекрсти локално словенско паганско население во христијанство. Според некои историски извори, токму малото селце на реката Водочница, со својот манастирски комплекс, ќе послужи како седиште на неговата епископија и место од каде Методиј ќе раководи со својата област.

Проблемот со кој Византија ќе се соочи во покрстувањето на Словените и потреба за азбука со цел процесот да се одвива полесно, ќе го натера византискиот император на браќата Кирил и Методиј да им додели уште поважна мисија, т.е создавање на сесловенска азбука и нејзино ширење – “Моравската мисија“.

Кирил и Методиј пред кнезот Ростислав

Повод за Моравската мисија на Кирил и Методиј било писмото на моравскиот кнез Ростислав до византискиот император Михаило III. Ростислав настојувал да ја осамостои и зацврсти својата држава, Моравија, на која и се заканувала опасност од германското свештенство. За да ја отстрани опасноста тој побарал проповедници кој ќе го шират Христовото учење на словенски јазик. Византија ќе ја прифати неговата порака зошто германско-бугарскиот сојуз бил опасност и за Моравија а и за безбедноста на Византија.

Кирил и Методиј радо ја прифатиле ова задача. Па така Кирил од Солун тргнува за Водоча, каде Методиј ќе го угости, и според одредени непотврдени претпоставки, заедно ќе работат на создавање на Глаголицата -првата словенска азбука (855та година).

Водоча може да се гордее дека има барем мала заслуга за словенската писменост

По завршувањето на подготовките, од Водоча браќата ќе заминат дирекно на мисијата која целосно ќе ја промени историјата. Уште еден интересен податок е тоа што во одредени епископски списи, по смрта на Кирил и Методиј, за Тивериополски Епископ се спомнува нивниот ученик Климент Охридски.

Ако се претпостави дека седиштето на Струмичката епархија не било преместено по заминувањето на Методиј, тогаш и Климент Охридски создавачот на Кирилицата, азбуката која и денеска ја користиме, работел и творел во селото Милно, како што тогаш се викала Водоча.

За жал, златното доба наскоро ќе го добие својот крај на најнеочекуван начин. Радоста која сигурно владеела во овој регион по формирањето на Самуиловата држава, во која струмичкиот регион и тврдина играле значајна улога, ќе добие кобен крај.

Овој кобен крај целосно ќе го промени малото Милно, а со него и целата Струмичка котлина.

Продолжува…

Напишете коментар