Ликовната група “Пресек” со изложба во Гевгелија на 18 октомври
Во организација на Пионерскиот Дом Гевгелија во четврток, на 18 ти октомври во просториите на Народниот Театар во Гевгелија ќе биде отворена изложба на ликовната група Пресек.
Ликовната група “Пресек” е проект на четири сликари од Струмица.
Индивидуалноста во визуелната манифестација на овој проект смело сведочи за автори формирани во духот на актуелното време. Членови на групата Пресек се: Љупка Галазка Василев, Марјан Ѕингаров, Никола Пијанманов и Ване Костуранов.
Ване Костуранов создава свет, искрен и обоен. Навидум детски , но длабоко интуитивен ликовен израз кој плени со неговото волшебство.
Делата на Марјан Ѕингаров поседуваат емоционална динамика. Чистата егзистенција на бојата е нагласена со појава на симболи. Визуелниот импакт зборува за материјализација на материјата како ултра крик на едно постоење.
Во делата на Никола Пијанманов времето немо вибрира пред замрзнатите мигови.Неговото сликарство претставува ангажиран контемплативен мисловен процес кој води кон свесно себеоткривање како рефлекс на настаните од реалноста. Интерната магма и силните меланхолични колористички изјави за отсутната присутност зборуваат за вечните прашања во човековото ,,јас,,
Љупка Галазка-Василев во своите дела созадава апартен свет. Свет кој немо трепери и сјае, раскажувајќи приказна за нежни пастелни претопувања во една поинаква стварност.