“Размислуваме за компостирање – Посветени на одржување на органскиот синџир”
Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ја одржа Финалната прес конференција за проектот “Размислуваме за компостирање – Посветени на одржување на органскиот синџир” кој се имплементира од страна на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, како Лидер партнер на проектот и Асоцијацијата на Југозападни Општини од Р.Бугарија, како проектен партнер. Проектот е финансиран од Европската Унија преку Интеррег-ИПА Програмата за прекугранична соработка Бугарија-Македонија CCI No 2014TC16I5CB006.
Проектот “Размислуваме за компостирање – Посветени на одржување на органскиот синџир” се имплементираше 15 месеци со основна цел преку подигање на јавната свест кај граѓаните за бенефитот од компостирање да се заштити животната средина.
Во рамките на прес конференцијата Директорот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Г-а Жулиета Ѓуркова, накратко го презентираше проектот, постигнатите резултати од проектот, активностите кои беа спроведени и изработената „Студија за анализа на потенцијалите за компостирање во домашни услови во Југоисточниот плански регион“.
Г-а Ѓуркова истакна дека целта на Студијата е да ги истражи, анализира и разгледа потенцијалите, но и предизвиците за компостирање на органскиот (биоразградливиот) отпад во домашни услови, но и на локално ниво за општините во Југоисточниот регион. Студијата содржи информации за моменталната состојба со компостирањето во нашата држава, бенефитите од компостирањето како процес, но и употреба на произведениот компост. Студијата исто така ги истражува техничко-технолошката и финансиската исплатливост, одржливост на компостирањето и предлага идни чекори потребни за подготвување на надлежните општински авторитети и другите чинители за усогласување со барањата на националното законодавство во областа на управување со отпадот.
Со проектот беа офатени сите 10 (десет) општини од Југоисточниот регион во Р. Македонија и уште 17 (седумнаесет) општини од Југозапдна Бугарија.
Со имплементацијата на проектот беа распоредени вкупно 800 компостери во домаќинствата во прекуграничниот регион. Во Југоисточниот регион компостери добија 400 домаќинства, а граѓаните кои добија компостери беа запознаени со процесот на компостирање преку инфо деновите, презентациите како и брошурите за компостирање кои им беа доделени. Беше креирано и емитувано видео за проектот и за компостирањето на регионалните телевизиски станици со цел подигнување на јавната свест и промовирање на придобивките кои луѓето и животната средина ќе ги добијат со компостирањето.
Во дел од активностите на проектот активно учествуваа и вработените од општините кои го збогатија своето знаење за процесот на компостирање, но и го дадоа својот придонес во изработка на Студијата преку одржаниот дводневен тренинг за компостирање во Струмица и дводневна работилница во Благоевград за дефинирање на потенцијалите за компостирање во прекуграничниот регион.
„Секој од нас како индивидуа генерира околу 500 кг отпад на годишно ниво, а некаде од 40 до 60% е органски отпад, односно биоразградлив отпад кој моментално како фракција се одложува заедно со целокупниот комунален отпад. Нашата цел беше подигање на јавната свест кај населението во двата погранични региони и наместо одлагање на тој отпад во постојните депонии да биде искористен како ресурс. Фактот дека поделените 400 компостери беа недоволни во однос на барањата од граѓаните покажува дека сме ја постигнале целта на проектот, но и ни дава поттик за веќе да размислуваме како овој проект да биде надграден и да ги прошириме и продолжиме активностите од овој тип“ истакна Г-а Ѓуркова
Во продолжение на настанот следуваа прашања и дискусија со присутните за споделените информации за проектот.
Вкупниот буџет на овој проект изнесува 117.164,41 евра.