Заврши 24.ФКТ „Ристо Шишков“ Зијах Соколовиќ прогласен за лауреaт
Со последната претстава во официјална конкуренција „Солун-град на духови“ во режија на Слободан Унковски, а во изведба на Театарот на навигаторот Цветко, и со доделувањето на единствената награда за високо актерско достигнување, синоќа заврши 24. издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“. На свечената завршна церемонија, најпрвин беа соопштени добитниците на наградите од критиката (тркалезната маса) и од НЕТА ( Нова европска театарска акција). Според одлуката на меѓународното жири во состав: Анастас Попдимитров од Бугарија (минатогодишен лауреат), Градимир Гојер од Босна и Херцеговина, Ника Архар од Словенија, Тома Трифуновиќ од Србија и Јоана Поповска од Македонија, за овогодишен добитник на наградата „Ристо Шишков“ беше прогласен актерот Зијах Соколовиќ, за улогата во претставата „Мечка“ од Антон Павловиќ Чехов, во режија на самиот актер. Наградата од 1500 евра (во денарска противвредност) и златен ланец со медалјон со ликот на Ристо Шишков, на лауреатот му ја врачија претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов и директорот на фестивалот, Ване Ристов Патриков.
Инаку на 24. ФКТ „Ристо Шишков“, во петте фестивалски денови, беа изведени 15 претстави на театри од 9 земји, а фестивалот се одржа под покровителство на Општина Струмица и градоначалникот Зоран Заев.