Ученици од СОУ „Никола Карев“ на Светско првенство и Балканијада
Машката одбојкарска екипа на СОУ „Никола Карев“ под менторство на наставниците по физичко образование Илија Јанков и Вера Божијанова Димитриевска, ќе земат учество на Светското одбојкарско првенство за средношколци, кое од 25. јуни до 3. јули ќе се одржи во српската престолнина Белград. Според зборовите на директорот на ова средно училиште Драган Јанков, „визата“ за учество на Светското првенство била обезбедена на Гимназијадата во Куманово, каде што одбојкарската екипа на СОУ „Никола Карев“ го освоила првото место, без изгубен сет. Инаку, на Светското одбојкарско првенство за средношколци учество ќе земат 32 екипи од исто толку средни училишта од целиот свет.
На големо и престижно натпреварување ќе учествува и ученикот од прва година, Мартин Динев заедно со неговата менторка, наставникот по математика, Гонца Ивановска. Станува збор за Математичката балканска олимпијада која од 24. до 29. јуни ќе се одржи во градот Платина во Романија.