Жителите на о.Василево, задоволни од реализираните проекти од Буџетскиот Форум
Од вкупно 30 проекти кои како приоритети за реализација му беа предложени на градоначалникот, во изминатиот период 6 се целосно реализирани, кај 17 реализацијата е во тек, два се делумно реализирани, а реализацијата не е започната кај 5 од предложените.
Од листата на проектите, вкупно 28 на број, кои како препораки за реализација му беа доставени на градоначалникот, реализирани се 8 а три се во фаза на реализација. Меѓутоа во изминатиот период општина Василево има реализирано и проекти кои не беа предложени на форумските сесии но кои како што рече градоначалникот на општина Василево, се побарани од граѓаните на средбите што редовно се одржуваат со граѓаните во нивните населени места.
„ Буџетскиот форум, односно учеството на граѓаните во носењето на Буџетот е еден демократски чин каде сите граѓани учествуваат во неговото креирање односно предлагањето на приоритетните проекти кои општина Василево треба да ги реализира во наредната година. Праксата на општина Василево беше таква и во изминатиот период меѓутоа во една подруга форма. Разликата е во тоа што градоначалникот и администрацијата одеа во сите населени места каде граѓаните ги кажуваа своите предлози. Со ваквиот процес преку форумските сесии сите граѓани од сите населени места имаа можност да се сретнат на едно место и да ги согледат проблемите и потребите на сите населени места и да го увидат фактот дека во сите населени места има конкретни потреби кои се приоритетни и на „заедничка маса“ да се одлучи за приоритетите во рамки на општината. Сметам дека ова беше најтранспарентен начин на донесување на Буџетот и приоритетните проекти за општина Василево, па истото ќе продолжиме да го правиме и во наредниот период бидејќи оваа завршна форумска сесија за нас воедно претставува и прва за донесувањето на Буџетот на општина Василево за 2017 година“ изјави градоначалникот на општина Василево г-дин Ванчо Стојанов, по завршувањето на шестата форумска сесија со која се заокружија активностите од Буџетскиот форум.