Здружението „НОВУС“ одржа завршна конференција за проектот поддржан од општина Струмица

Здружението „НОВУС“ организираше завршна конференција на која се даде отчет пред јавноста за сработеното во рамките на проектот „Запознај ја европската унија – делувај европски“, а воедно се презентираа и наодите од истражувањето. Проектот е поддржан и финансиран од општина Струмица и имаше за цел да го подигне нивото на информираност на граѓаните, со посебен акцент на младата популација, за вредностите и политиките на Европската унија.

 

-Во рамките на целиот проектен циклус ние организиравме работилница за запознавање со Европската унија и институциите на ЕУ, работилница за запознавање со Еразмус+ програмата и јавна дебата на тема „ЕУ е дел од решението, но и од проблемот во Македонија“. Паралелно со овие настани се направи и истражување, а во врска со перцепцијата на граѓаните за Европската унија и како финален продукт беше изработена студија. Истражувањето беше направено на репрезентативен примерок од 260 испитаници на ниво на општина Струмица, запазен сооднос 50% мажи-жени и 60% од град, 40% од рурални средини. За да биде истражувањето уште порелевантно, значаен фактор врз одговорите имаше и степенот на образование, а беше запазена и етничката припадност. Она што на нас како здружението не радува е тоа што дури 71% од испитаниците сметаат дека влезот во ЕУ ќе значи и подобрување на животниот стандард, 73% одговорија дека Република Македонија нема други опции освен влез во европското семејство, а 52% сметаат дека ЕУ ќе овозможи подобра иднина за младите. Покрај тоа, загрижувачки се бројките од само 19% од испитаниците кои се информирани за структурната поставеност на институциите на ЕУ и ниски 13% од испитаниците кои се запознати со некоја од програмите на Еразмус+, Хоризонт 2020, КОСМЕ, Фискалис. Тоа ни укажува дека мора да се работи на информирање на граѓаните и во тоа да се вклучат што поголем број на релевантни субјекти. Република Македонија не смее, ниту треба да има друга алтернатива освен членство во Европската унија. Флоскулата мора да премине во видливи заложби и заеднички напор од сите институции и граѓански организации за интензивирање на процесот на зачленување во Европската унија. Во склоп на ова, информирањето на граѓаните и нивното запознавање со целите и вредностите на Европската унија сметаме дека примарно треба да се прави од локално ниво и истите да се шират на ниво на цела држава. Така во целост ќе имаме држава, но и граѓани подготвени да ги споделуваат европските вредности, рече Ѓорги Тасев од здружението „НОВУС“.

Напишете коментар