Започна велосипедската прошетка „Културното наследство низ Струмичкото поле“
Во рамките на свеченостите организирани по повод Денот на ослободувањето на Струмица, денеска претпладне од плоштадот „Гоце Делчев“ стартуваше велосипедската прошетка „Културното наследство низ Струмичкото Поле“.
Настанот е во организација на Одржливи иницијативи од Скопје и ВК Актив од Струмица, а во партнерство со Општина Струмица и е одлична можност за промоција на Општината и регионот како велосипедска дестинација.
-Велосипедот е симбол на слобода. Слобода на движење која ја добиваме уште од детството преку првиот трицикл. Тоа е прекрасен начин да се прослават 71 година слобода и тоа за секоја возраст, изјави Бојан Ранташа од Одржливи иницијативи од Скопје.
На оваа велосипедска прошетка ќе се посетат Баница, Водоча, Вељуса, Ангелци и Струмица. Учесниците ќе уживаат во природата, културата и храната додека возат велосипед. Настанот ќе има и образовен карактер, па на учесниците ќе им овозможи да се запознаат со културните знаменитости низ Струмичкото Поле, меѓу кои: Гробот на Струма, Манастирите во Водоча и Вељуса, а за пренесување на приказните ќе се погрижат локалните кустоси.
За прошетката пријавени се 183 велосипедисти меѓу кои освен од Македонија има и од Србија, Бугарија и Хрватска.