ЗА ЖЕНИТЕ МИРОНОСИЦИ (02.05.2020 ) Освестен подвиг
Првиот опит од освестен подвиг може да се стекне само на првиот степен од духовниот развој, во подвигот на чистење на срцето од страстите, во целосрдечно послушание кон духовен раководител. Но, зошто само таму? Затоа што само преку подвигот на послушанието можат да се забележат резултатите, односно плодовите на духовниот развој.
Послушанието е актуализација на благодатта на крштението. Ако некој само се крсти и учествува во Тајните на Црквата, без да влезе во подвиг на послушание, тој нема да ја активира и благодатта Божја да му содејствува во очистувањето. Но, ако преку послушание ја активира Божјата несоздадена благодат кон содејство, тој секако ќе го очисти своето срце од страстите, доволно за во него да го забележи и изворот на истата благодат. Изворот на благодатта се нарекува и место на срцето. Енергијата на умот, пак, природно ќе биде привлечена кон местото на срцето, односно кон својата суштина, и во тој момент започнува аскетската умно-срдечна молитва. Дарот на молитвата на срцето е знак дека човекот преминал на степенот од просветлување на умот.
Даровите Божји се меч со две острици. Светлината и знаењето, како и силата на дарот Божји, може да се користат за понатамошно севкупно преобразување на човекот или, пак, знаењето што останува после таа светлина можно е да се злоупотреби и за судење и осудување на ближните. Првото однесување е освестен подвиг со резултати, а второто однесување не е. Затоа што љубовта се смирува и надградува, а гордоста произлезена од знаењето – разградува.
Освестениот подвиг се познава по анонимноста (туѓинувањето, смирението) и константноста. Оној што од опит ги гледа плодовите на својот подвиг, тој се грижи подвигот да му биде константен и скриен. Зошто скриен? Затоа што подвигот завршува на третиот степен (обожение), и секој нормален, со освестен подвиг, се смирува и избегнува секакви позиции на власт, кои би го попречиле неговиот духовен развој. Затоа освестениот подвиг ослободува од прелест: за заслуги, за високи позиции, за високо мислење за самиот себе – ослободува од гордост.
Каде гледаме најголем пример за освестен подвиг? Кај жените мироносици. Речиси никаде Евангелието не ги спомнува, освен при нивниот себезаборав пред Христовите страдања на Крстот – кога останатите ученици се разбегаа, и при дарот на личното сведоштво на Неговото Воскресение – кога останатите ученици се сомневаа. Точно каде што треба. Тоа се ситуации и време кои го покажуваат и потврдуваат нивниот степен на духовен развој, а тоа е степенот на обожение.
Жените мироносици се пример за монаштво и исихазам, и автентични носители на царското и есхатолошко свештенство.
Христос Воскресе!
Митрополит Струмички Наум