Во организација на Здружението Хорти Еко од Струмица, 120 фармери од регионот во неделата на 07.02.2016 година, беа присутни на петтото издание на манифестацијата Златен Грозд во Мелник, Р. Бугарија. Во оваа популарна винска дестинација во Бугарија домаќините им понудија на своите гости да вкусат голтка убаво црвено вино произведено од најдобрите винари од регионот, да се послужат со традиционално локално мезе и да ги развеселат своите срца со традиционални бугарски песни.
Присутните на манифестацијата имаа можност да дегустираат вина од домашни сорти - правени по рецепти кои се користат стотици години наназад како што е познатото Мелничко вино кое се прави од сортата "широка Мелничка лоза ", како што се правело и во минатото.
Фестивалот " Златен грозд " во Мелник стана вистинска престолнина на убавото вино. Празникот го заживеа гратчето во кое пристигнаа стотици гости од земјата и странство, желни да пробаат од црвениот еликсир и да уживаат во магијата на песочните пирамиди.
Целта на овој фестивал е афирмацијата на виното како национален производ и развојот на регионот како дестинација за вински туризам како и промоција на традицијата и заживување и унапредување на руралниот живот, преку негување на подзаборавените традиционални обичаи.