Викарен Епископ Полјански Јаков-Сокровиште на небото
Викарен Епископ Јаков Полјански
Сокровиште на небото (26.01.2019)
Во нашиот христијански подвиг (движење) кон Причината и Целта на сѐ создадено, никогаш не можеме да го исклучиме односот кон нашиот ближен. Зависно од тој однос, секако дека ќе постои некаков двиг или кон Бог, или во обратен правец, кон некој друг. Видете го Христовиот одговор во денешното евангелие (види: Лука 18, 18–27) кон богатиот млад човек, на неговото прашање како да здобие живот вечен. „Ги знаеш заповедите: не прељубодејствувај, не убивај, не кради, не сведочи лажно, почитувај ги таткото и мајката свои.“
Сите до една од заповедите го детерминираат нашиот однос кон ближниот. Бог воопшто не ја спомнува заповедта за односот кон Него Самиот: „Возљуби го Господ, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум“ (Матеј 22, 37). Без овој љубовен однос кон ближниот не може ниту Бог да се љуби, како што вели апостолот Јован Богослов: „Кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бог, Кого не Го видел?“ (1 Јов. 4, 20).
Братот наш е огледало во кое се гледаме себеси, пред сѐ, сопствените слабости, и лични, и на паднатата човекова природа, воопшто. Но, бидејќи создаден по образ и подобие Божјо, за нас е и жива икона Божја, иако често од прволикот можеме да видиме само карикатура, особено кај нашите непријатели, односно кај луѓето кои свесно се определиле за гревот и одбрале да непријателствуваат кон некого. Но, тоа не ја менува содржината на Божјите заповеди – да не му правиме зло на ближниот, ниту пак, на Христовиот одговор што го слушаме денес – дека ближниот наш е врата преку која влегуваме во живот вечен. Старец Софрониј во својата соборна молитва, што во нашите манастири ја читаме секој ден на Повечерие, направил совршен сублимат на сѐ што рековме погоре во само неколку зборови: „И никогаш да не заборавиме дека братот наш е нашиот живот“.
Сите ние сме повикани на совршенство. Не е доволно да бидеме само добри со нашите ближни и да не им чиниме зло. Сето тоа е само добар почеток. Крајната цел на сѐ што правиме треба да е Христос. Нашиот однос кон кој било човек, па колку и да е добар и љубовен, не е цел самата по себе, туку Богочовекот Христос. Во спротивно, хуманизмот ќе можеше да ја замени Црквата.
Правилното исполнување на Божјите заповеди секогаш води кон Богопознание, но ете, овој човек, иако тврдеше дека сите заповеди ги запазил од младини, не Го позна Бог, туку во Него виде само добар учител. Ако првите заповеди за односот кон ближниот беа доволни за да се оствари христијанскиот идеал, Христос немаше да рече: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој, раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото, па дојди и врви по Мене“. Овие Христови зборови со векови се главен мотив на многу луѓе да остават сѐ и да тргнат по Него, и жена, и куќа, и ниви.
Богатството е дар Божји, како и сѐ друго во животот, и сѐ што Бог ни дал е за наше спасение, но зависно од нашиот однос кон него може да биде причина и за наша погибел. Бог никогаш не си оди од човекот за кого умре на Крстот. Секогаш човекот Го напушта Бог, љубејќи нешто или некој друг повеќе, како овој кутар човек, кој си замина нажален од Живиот Бог поради своето богатство.
Монаштвото е особено есхатолошко сведоштво во овој свет. Монашкиот начин на живот е своевиден почеток на Царството Божјо, овде и сега. Не сакам да бидам разбран погрешно, дека промовирам некаков „монашки елитизам“ во Црквата. Напротив, сакам да кажам дека сите сме повикани на совршенство, сите сме повикани да оставиме сѐ, да не се острастуваме кон ништо и кон никого, и по Него да одиме: и женетите и неженетите, и оние што имаат деца и оние што немаат, и богатите и сиромашните.
Ако некој не се согласува со мене и не сака да ме послуша, го преколнувам да го послуша великиот апостол Павле: „Ова ви го велам, браќа, оти времето натаму е кратко, та оние што имаат жена, да бидат како да ја немаат; и кои плачат – како да не плачат; и кои се радуваат – како да не се радуваат; и кои купуваат – како да немаат, и кои се ползуваат од овој свет – како да не се ползуваат; зашто се менува обликот на овој свет“ (1 Кор. 7, 29–31).