Вечерва ќе се одржи првата сесија од граѓанскиот буџетски форум
Во домот на АРМ, вечерва, со почеток во 18 часот ќе се одржи првата сесија на Граѓанскиот буџетски форум во организација на општина Струмица и Центарот на заедницата. Граѓаните кои ќе присуствуваат на форумската сесија, ќе имаат можност да ги проследат планираните програми и проекти за 2017 година, да дискутираат по нив, но и да предлагаат свои проекти во рамките на програмите. Станува збор за осум програми, и тоа: Улици и патишта, Локален економски развој, Уредување на рурални подрачја, Образование, Социјална заштита, Уредување на градежно земјиште, Култура и Спорт. Покрај тоа, ќе биде извршена презентација на досегашното извршување на буџетот за 2016 година, како и презентација на Развојните програми како дел од предлог буџетот за 2017 година.
Струмица е прва Општина во државата која го практикува партиципативното носење на буџетот, во кое главен збор имаат граѓаните и нивните предлози за реализација на проекти кои се од витално значење за развојот на општината и подобрување на квалитетот на нивното живеење.