Утре е СВЕТИ ВМЧ. ДИМИТРИЈ (МИТРОВДЕН)
Свети Димитриј Солунски бил христијански маченик за кој се смета дека живеел во Солун во почетокот на 4. век. Во средновековието станал еден од најславените „воени“ светители, и често се поврзува со Св. Георгиј. Неговиот ден се празнува на 8. ноември (26 октомври по стариот календар), и уште е познат како Митровден.Најстарите записи за животот на Св. Димитриј доаѓаат од 9. век иако има податоци за неговите чуда уште од 7. век.
Овој славен и чудотворен светител се родил во градот Солун од благородни и благочестиви родители. Тие биле тајни христијани, па така и Димитриј го воспитале во тој дух. Измолен од Бога од бездетни родители Димитриј беше син единец, заради што беше воспитан и однегуван со големо внимание. Татко му беше војвода солунски, па кога умре татко му го поставија Димитриј за војвода наместо неговиот татко. Кога го постави за војвода, христоборниот цар Максимијан особено му препорача да ги гони и истребува христијаните што беа во Солун. Но Димитриј не само што не го послуша царот туку напротив, јавно Го исповедаше и Го проповедаше Христа во градот Солун. Кога слушна за тоа царот Максимијан многу се огорчи на него, па еднаш враќајќи се од војна, царот сврати во Солун посебно за да ја испита оваа работа. Го повика војводата Димитриј и го испитуваше за верата. Димитриј јавно пред царот призна дека е христијанин и го изобличи идолопоклонството на Максимијан. Разјарен, царот го фрли Димитриј во затвор.
Знаејќи што го чека, Димитриј му го врачи сиот свој имот на својот верен ученик Луп за да го раздаде на сиромасите и отиде во затворот весел, зашто му претстоеше страдање за Господа. Во затворот му се јави ангел Божји и му рече: „Мир на тебе, страдалецу Христов. Биди храбар!“ По неколку дена царот испрати војници во затворот за да го убијат Димитриј. Војниците го најдоа Божјиот Светител на молитва и го избодија со копја. Неговото тело тајно го зедоа христијаните и чесно го погребаа. Од телото на Христовиот страдалник потече исцелително миро, со коешто мнозина болни се излечија. Наскоро над моштите беше подигната малечка црква. Еден илирски војник, Леонтиј, беше болен од неизлечлива болест. Им притекна на моштите на Св. Димитриј со молитва и стана наполно здрав. Од благодарност му подигна на Св. Димитриј црква многу поголема од старата. Светителот му се јави двапати.
Кога царот Јулијан сакаше да ги пренесе моштите од Солун во Цариград, од гробот скокнаа пламени искри и се чу глас: „Застанете и не гибајте!“ И така моштите на Св. Димитриј останаа засекогаш во Солун. Како заштитник на Солун Св. Димитриј се јавуваше многупати и многупати го спаси Солун од големи неволји. Неговите чуда се навистина безбројни. Русите го сметаат и за покровител на Сибир, којшто го освоија и го присоединија кон Русија во 1581 година.Во Македонија голем број цркви и манастири се посветени токму на Св. Димитриј. Амин