Успешен старт на новата учебна година во општина Василево
Околу 120 првачиња, денес седнаа во училишните клупи на двете основни општински училишта и десетте подрачни на територијата на општина Василево.
Осумдесетина од нив се во ООУ„Гоце Делчев “ , Василево и подрачните во негов состав во населените места Радичево, Дукатино, Сушево, Владевци, Седларци, Едрениково и Ангелци, а четириесетина се ученици во ООУ„Атанас Нивичански“ заедно со подрачните во негов состав во населените места Висока Маала, Чанаклија и Доброшинци.
Добредојде на првачињата им посакаа директорите на училиштата, Стојан Тимов и Соња Ничева и градоначалникот на општина Василево, Марјан Јанев.
„ Бидете секогаш среќни, весели, насмеани. Бидете умни, учете вредно, внимавајте на часовите, слушајте ги наставниците и родителите, почитувајте ги возрасните. Знаењето што овде ќе го стекнете ќе Ви отвори многу врати. А ние возрасните секогаш ќе сме овде за вас, да ви помогнеме, да ве посоветуваме, да ве насочиме. Вие со вашиот труд, ние со нашето искуство и можности, ќе градиме поубава сегашност и иднина за сите“, им порача градоначачникот Јанев на првачињата на нивниот прв училишен ден.
Дополнително, денешниот ден на првачињата им беше разубавен и со подарокот – школски прибор, што го обезбеди општината.
Според информациите од првите луѓе на училиштата, бројот на запишани ученици не е конечен, и истиот според искуствата од претходните години ќе се комплетира во текот на овој месец. Што се однесува до техничката и кадровската подготвеност, учичиштата се целосно подготвени за успешен старт на новата учебна година, информираа директорите на училиштата – Стојан Тимов и Соња Ничева.
Подготвени за стартот на новата воспитна година се и од градинката „Прва радост“ од Василево и клонот во Моноспитово – „Малото славејче“ . Како што информираше в.д директорот Митко Јанев, летниот период кога заинтересираноста за посетеност на градинките е помала направени се сите неопходни интервенции, така што од денес градинките подготвено ги прифатија сите заинтересирани дечиња. Во градинката во Василево денес беа згрижени педесетина дечиња а во клонот во Моноспитово четириесетина. Вратите на градинките се отворени за нови дечиња се до целосно пополнување на капацитетот.