Училиштето во Седларци ќе се реконструира со европски пари
Денес, градоначалникот на општина Василево г-дин Ванчо Стојанов, заедно со неговиот бугарски колега, градоначалникот на општина Струмјани, г-дин Емил Илиев, во рамки на Програмата за прекугранична соработка INTERREG –IPA CBC Бугарија –Македонија 2014 – 2020, потпишаа договор за имплементација на проектот „Заштита на животната средина во прекуграничниот регион Василево – Струмјани за подобрување на енергетската ефикасност“. Во рамките на заедничкиот проект, во општина Василево ќе се реконструира подрачното училиште во с. Седларци. Со замена на прозорците и вратите со нови, со промена на кровот, со поставување на термичка фасада, фотоволтаични панели, централно топловодно греење на пелети и соларен систем за санитарна топла вода, училиштето во с. Седларци ќе прерасне во енергетско ефикасен објект кој користејќи обновливи извори на енергија ќе ја штити животната средина.
Во општина Струмјани, проектните активности ќе се случуваат во најголемото населено место во таа општина – селото Микрево каде ќе биде поставено енергетски ефикасно улично осветлување.
Вкупниот буџет за имплементација на овој партнерски проект, чија цел е заштита на животната средина и одржлива употреба на заедничките природни ресурси во прекуграничниот регион, изнесува околу 240 000 евра.