Учениците одбојкари на прием кај градоначалникот
Градоначалникот на општина Василево г-дин Ванчо Стојанов денес во својот кабинет ги прими учениците – одбојкари од ООУ „Гоце Делчев“, Василево кои се актуелни државни прваци во одбојка за основни училишта. Стојанов им го честиташе постигнатиот успех на одбојкарите, менторката Алма Хасанова и директорката на учлилиштето Емилија Котева, и им посака вакви резултати и во иднина.
„Пред отприлика еден месец учениците од ООУ„Гоце Делчев“, Василево под менторство на професорот Алма Хасанова го освоија првото место во училишен спорт, одбојка- машки. Тое е голема гордост и за училиштето и за општината. Тоа значи дека вложувањето во изминатиот период во спортот воопшто и во училишниот спорт посебно, вроди со плод. Две години беа трето место а еве годината се најдобри во државата. Се надевам дека со ваков континуитет ќе продолжат и понатаму и тоа не само одбојкарите туку и во другите спортови“, рече градоначалникот Стојанов кој смета дека ваквите резултати меѓу другото се плод и на вложувањата во спортската инфраструктура. Стојанов изрази надеж дека во иднина ќе имаме спортисти кои ќе ја претставуваат општина Василево, со своето учество, во репрезентацијата на Република Македонија“.
Државното првенство за основни училишта за одбојка се одржа во Пробиштип, а учениците од ООУ„Гоце Делчев“ во финалето ги поразија учениците од Битола.
„Во комплетниот систем на натпреварување, започнувајќи од општинско, меѓуопштинско, регионско, зонско па се до државното првенство, учество земаа околу 100 училишта. Финалето се одржа во Пробиштип. Во полуфиналето ги совладавме одбојкарите на ООУ „Браќа Миладиновци“ од Пробиштип со резултат 2:1, додека во финалето игравме со „Климент Охридски“ од Битола, кои исто така ги победивме со 2:1 и се закитивме со титулата Државни прваци во одбојка –машки 2016/2017“, ни изјави одбојкарот Васко Иванов.
Најдобрите одбојкари за својот вложен труд и постигнати резултати подароци добија од директорката на училиштетои која горда на постигнатите резултати им посака многу успех како во спортот така и во образованието.