Учениците и вработените во ООУ „Даме Груев“ од Куклиш спроведоа еколошка акција
Работно беше денеска во основното општинско училиште „Даме Груев“ во населеното место Куклиш. По повод Светскиот ден на планетата земја, уште во раните утрински часови беше спроведена акција за уредување на училишниот двор во која учествуваа и учениците и вработените.
-Покрај редовната настава, учениците од нашето училиште реализираат и воннаставни активности, тука спаѓа и интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем и одбележување светски денови во склоп на наставата. Еден од тие денови е и Светскиот ден на планетата Земја. Нашите ученици заедно со своите одделенски раководители, денеска, спроведоа еколошка акција за подигнување на свеста кај населението и кај самите ученици. Еден дел од учениците го уредуваа дворот и ја бојадисуваа училишната ограда, а дел го чистеа и уредуваа летниковецот кој што се наоѓа во близина на нашето училиште. Со овие активности, ние не завршуваме денеска, туку, такви активности ќе се реализираат во текот на целата учебна година, рече Валентина Пеливанова, директор на училиштето.