Свети Григориј Палама – Заштитник на Струмичката Епархија
Овој голем светител од чеиринаесеттиот век, во своето обемно теолошко дело ја синтетизирал богословската мисла на светите Отци во одбрана на свештените тихуватели, исихастите.
Палама својот живот го посветил на вистината дека Живиот Бог е достапен на личното искуство на човекот, бидејќи Он го споделил Својот живот со човечкиот род, станувајќи Воплотен Бог. Недостапен и трансцедентен по суштина, но затоа „преку Своите творечки и промислителни пројави и енергии, присутен во сè“, и причесен. Обожението му се случува на човекот според степенот и мерата на заедничарењето со Живиот Бог.
Централно место во исихастичката традиција зазема Исусовата молитва. Молитвата е срцето на исихазмот. Не како метод или техника, туку како целосно заедничарење со Бог во Исус Христос. Конечната цел на исихазмот е видението или созерцанието на Бог, коешто се остварува во благодатно – љубовно соединување и заедница со Бог во Христос. Самиот збор исихиа значи тишина, спокојство, мир. Оној што тихува буквално и до крај ги исполнува двете новозаветни заповеди за љубов кон Бог и Човекот.