Струмичани го одбележаа Тримери

Струмичани од секогаш биле верни на традицијата во одбележвање на адети и празници. Во деновите на карневелот несомнено важен дел е уникатниот празник или адет наречен Тримери.

Тримерите по своето првобитно значење и форма се еден мошне стар христијански обичај, којшто води потекло од многу одамна т.е од почетокот на христијанската вера. Самото име потекнува од грчките зборови tris meres во превод – три дена и е со значење тридневен пост.

Тримерите ја изгубиле својата првобитна, односно изворна форма и значење, но тие како обичај во Струмица сѐ уште се одржуваат и постојат со сите церемонии кои го придржуваат тој обичај. Целиот тој тримерски церемонијал или уште како што уште се нарекува празник на армасаните се одвива во куќата на невестата, во среда и тој ден го прославуваат исклучиво жени, кои одат на ручек кај верената.Гостите што ги кани свакрвата одат групно, односно се собираат прво кај свeкрвата и од тука сите одат на ручек кај снаата. Секој што оди на ручек носи и подарок на невестата. На ручекот обично се собираат педесетина жени, но некаде таа бојка може да биде 150 па дури и 200 жени, бидејки од порано само свекрвата носела гости, додека денес и мајката на верената носи свои гости. Ручекот е некаде по 12 часот и за таа пригода се готват специјално посни јадења и тоа, сарма од кисела зелка, без месо, со ореви, посен бел грав, варена пченка со ореви, а како десерт се служи зерде (сутлијаш без млеко, со вода), бела алва, овошје, локум и компот или ошав од црни сливи и суво грозје, додека наместо леб се кршат и се служат погачи, односно чуреци, месени со квас од наут т.н. наутлии погачи коишто ги меси момата. За пиење се служи исклучиво боза којашто ја носи свекрвата, обично во ѓумови. Ручекот поминува во доста весело расположение, и бидејќи тука се собрани само жени, се водат разни непристојни разговори и се пеат разни песни со еротска содржина. Еве дел од прославата на Тримери во семејството Јовановски од Струмица, им благодариме за фотографиите.

 

Напишете коментар