Струмица на точак: Извади го точакот од гаража, Критична маса #6

Бројот на луѓе кои го избираат точакот како превозно средство расте не’ има се повеќе. Условите за возење точак во Струмица не се нешто мотивирачки, но сообраќајните гужви, поголемата еколошка свест, тенденциите кон поздрав начин на живеење и сфаќањето дека точак е супер превозно средство си го прават своето.
Иако ги посакуваме, не ни се чекаат идеални услови за да возиме! Ни се вози! 🙂

Возењето точак секојдневно е славење на животот, славење на чистиот воздух, на слободното движење, на погонот на сопственото тело, на посебните ќошиња на градот и на љубовта кон неговите улици!
А Критична маса е славење на сето тоа, но заедно!
И битка за подобар град во која се оди чекор понапред со секој нов велосипедист!

Ајде да се множиме!

Поканете ги вашите родители, брат, сестра, дечко, девојка, вашите пријатели, луѓе кои ги сакате! Поттикнете ги да извозат еден круг со нас. Нека ја откријат повторно магијата на возењето велосипед! Скоро и да нема човек кој не знае да вози велосипед! А и да не знае, лесно ќе научи и уште полесно ќе се заљуби во тоа!

Многу од нас имаат по некој кутар заклучен и можеби зарѓан велосипед во гаража кој чека да биде ослободен. Струмица има улици кои чекаат да бидат преплавени со точаци и радост! А ние имаме желба да создаваме таков град! Местото на велосипедската инфраструктура е повисоко на дневен ред! Местото на точакот се улиците! Ослободете го! Извадете го од гаража! Мириса на пролет! Нека биде велосипедска! Земи точак, вози и дружи се!

***Секој учесник вози на своја одговорност
_________________________________________________
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Критична маса во Струмица е самоодржлив, саморегулиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“).Приклучи се! Ангажирај се! Може да нé има повеќе! И Струмица може да стане подобар град!

Напишете коментар