Стихови од Никола Маџиров на македонска вечер на културата во Стара Загора
Вчеравечер во Регионалната библиотека „Захариј Књажески“ во Стара Загора беше одржана вечер посветена на македонската култура.
На ова прво целовечерно претставување на нашата култура, актерите Иван Калошев и Тодор Тодоров од Драмскиот театар „Гео Милев” во Стара Загора интерпретираа стихови на македонски и бугарски јазик, од Ацо Шопов, Анте Поповски, Богомил Ѓузел, Веле Смилевски, Лилјана Дирјан, Никола Маџиров.
Директорот на КИЦ на Македонија во Софија Васко Шутаров, на отворањето на оваа културна вечер, на Библиотеката во Стара Загора подари десетици книги и од авторите кои беа читани но и од други познати македонски писатели. Свое обраќање по повод вечерта на културата од нашата земја имаше и Снежана Маринова од име на Регионалната библиотека и претставници од Општина Стара Загора.Во продолжение на вечерта, беше отворена изложбата „Конекција 2“ на која со свои дела се претставија 13 македонски ликовни уметници, кои во моментов живеат и работат во Бугарија.
Македонска вечер на културата во Стара Загора предизвика интерес и кај публиката но и кај сите локални медиуми.
После првото поголемо претставување на нашата култура во овој град, со претставници на Општината е договорена понатамошна редовна културна соработка, помеѓу нашиот Центар во Софија и културните институции од овој град во Бугарија