„Специјално патничко возило за сите ранливи групи во општина Струмица“
Општина Струмица денеска ги промовираше резултатите од проектот „Специјално патничко возило за сите ранливи групи во општина Струмица“ во просториите на домот на АРМ. На промоцијата, а на која присуствуваа претставници на здруженијата од социјалната област и родители на деца со посебни потреби, зборуваше градоначалникот Коста Јаневски, кој ги потврди заложбите негови и на Општината, за подобрување на условите за живот на сите ранливи групи граѓани и создавање на живот без бариери.
-Водејќи се од принципите на рамноправност, еднаквост и солидарност, општина Струмица води континуирана грижа за сите категории граѓани, а посебно за оние на кои им е потребна помош за да им обезбеди достоинствен живот. Дека е така, потврдува и денешниот настан на кој ги промовираме резултатите од проектот „Специјалното патничко возило за сите ранливи групи граѓани во општина Струмица“. Овој проект е еден од двата од социјалната сфера кои што ги имплементира општина Струмица, а кои што се донација од Владата на Република Бугарија во износ од 180 илјади евра. Неговата цел е унапредување на социјалната мобилност на лицата од ранливите групи, посебно на децата со интелектуална попреченост од сите категории. Специјалното патничко возило ќе го реши проблемот со превозот на децата до институциите каде што ги вршат нивните лични и општествени активности, како што се престој или следење на специјална или редовна настава и тоа со специјална придружба на стручно лице согласно законските прописи, а определено од институциите каде што децата дневно престојуваат или следат настава. Возилото ќе се користи според утврдениот Оперативен план кој што е направен по претходна консултација и организирана средба со претставници на здруженија и родители на деца, односно, со директните корисници на возилото. Со него ќе се врши организиран групен превоз за активности од јавен и општествен интерес на ранливите групи. Ја користам оваа можност јавно да и се заблагодарам на Владата на Република Бугарија за донацијата со која реализираме два проекта од социјалната област, а Вам почитувани корисници на специјалното патничко возило, ви посакувам со здравје и успех да ги користите неговите услуги. Општина Струмица ќе продолжи да ги подобрува условите за живот на лицата со посебни потреби, ќе продолжи да создава живот без бариери, затоа што сите живееме во ист свет и имаме еднакви права, рече Јаневски.
Оперативниот план за користење на специјалното патничко возило го презентираше Тони Милушев, раководител на одделението за Локален економски развој. Вкупниот буџет на проектот изнесува 35.790,43 евра.