Советот на општина Струмица даде зелено светло за изградба на канализациони системи во селата Дабиле и Просениково
Советот на општина Струмица денеска ја одржа 12-та седница на која што беа усвоени предлог – одлуки и извештаи од повеќе области, а во интерес на граѓаните.
-Посебно сакам да ги истакнам првата и втората точка од дневниот ред, односно, предлог – одлуките за давање согласност и овластување за потпишување на договори за грант по проектот „Водоснабдување и одведување на отпадни води“ и давање согласност и овластување за измирување, односно, пренасочување на средства од буџетската сметка на општина Струмица. Се работи за канализационите системи во Просениково и Дабиле за кои населението чека веќе 3-4 години да се реализира овој проект, кој е грант од 1.170.000,00 евра со кој беше опфатена и канализацијата во Добрејци и еве сега можам да ги известам жителите дека после втори август најверојатно ќе се отпочне со изградба на овие два канализациони системи бидејќи тендерската постапка е завршена и веќе имаме изведувачи. Ја усвоивме и предлог – одлуката за утврдување на приоритет и сопствено учество на проект за „Економска валоризација на културната и алтернативна туристичка понуда на Цареви кули во туристичка дестинација Струмица“. Знаеме дека Царевите кули се едно од обележјата на градот Струмица и еве јас како претседател на Советот, сакам да ги известам граѓаните дека конечно ќе се заокружи овој проект бидејќи и тој е почнат пред неколку години и имаме грант од Светска банка од еден милион евра и учество на општина Струмица од девет милиони денари. Значи ќе се градат кулите, пристапни патишта и трим патеката која води до црквата „Свети Илија“. Овој проект е од голема важност за општина Струмица, бидејќи, како што веќе истакнав, Царевите кули се едно од највпечатливите обележја на општина Струмица, изјави по седницата, претседателот на Советот на општина Струмица, Марјан Даскаловски.
На денешната седница беше усвоен извештајот за работата на ЈПКД „Комуналец“ за првите три месеци од оваа година и предлог – одлуката за давање согласност за обезбедени финансиски средства за нови вработувања во претпријатието за 2019 година, како и предлог – одлуката за донесување на Акциски план за заштита и спречување на дискриминација на општина Струмица и предлог – Програмата за дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови на подрачјето на општина Струмица за 2018 година и повеќе одлуки од областа на урбанизмот. Советниците ги усвоија и предлог – одлуките за доделување парични средства на средните општински училишта „Јане Сандански“ и „Никола Карев“ и на Атанас Јанев од Струмица.