СОУ „Никола Карев“ домаќин на државното првенство во футсал за средни училишта во женска конкуренција

Во спортската сала на средното општинско училиште „Никола Карев“, денеска, беше отворено државното првенство во футсал за средни училишта во женска конкуренција, во организација на Федерацијата на училишен спорт на Македонија и Општинскиот сојуз на училишен спорт Струмица, а со поддршка на општина Струмица. Првенството во кое учествуваат екипи од средните училишта во Скопје, Велес, Битола, Струга и Струмица, за отворено го прогласи вршителот на должноста градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов.
-Струмица отсекогаш била, и ќе остане спортски град, на задоволство на сите што го сакаат спортот или се дел од него. Како резултат на тоа, нашиов град, покрај бројните успеси што ги бележи низа години наназад, е и домаќин на значајни спортски настани, како што се европски првенства во разни спортови во младински категории, но и на други меѓународни и државни првенства. Притоа, мора да се истакне дека Струмица во два наврата беше и град-домаќин на две училишни спортски олимпијади. Покрај сите неопходни нешта што ги имаат спортистите и спортските работници, особено значајна е и континуираната поддршка од Општина Струмица. Ако сведоштвата велат, дека овој наш град секогаш успешно го положувал испитот од укажаната доверба, не се сомневам дека така ќе биде и овој пат. Се надевам дека ова Државно првенство во футсал за средни училишта, во женска конкуренција, ќе покаже дека футсалот е подеднакво атрактивен спорт како и неговиот постар брат – фудбалот, и дека припадничките на понежниот пол, можат успешно да се носат со вештините и предизвиците што тој ги носи. Сакам да им посакам добредојде на средношколките-учеснички на ова првенство, од средните училишта „Кочо Рацин“ од Велес, „Нико Нестор“ од Струга, „Доктор Јован Калаузи“ од Битола, „Методи Митевски-Брицо“ од Скопје и „Васил Антевски-Дрен“ од Скопје, со надеж, дека заедно со своите врснички и домаќинки од средното општинско училиште „Никола Карев“ од Струмица, ќе ја демонстрираат сета убавина на футсалот. Убеден сум дека заедно ќе поминете три извонредни натпреварувачки денови во овој град на спортот и младоста, и тоа во спортски дух, во фер-плеј игра и пред се во една пријателска атмосфера. Колку и да се важни исходите од Вашите меѓусебни средби, најважно е да станете побогати за нови пријателства кои треба да ги чувате и негувате. На гостинките им посакувам да понесат убави спомени од Струмица и од ова првенство, а на сите средношколски екипи добри и возбудливи натпревари. На крајот нека победат најдобрите, рече Костадинов.

Напишете коментар