Се асфалтира игралиштето во с. Добрашинци
Локалната самоуправа од Василево, го асфалтираше повеќенаменското игралиште во с. Добрашинци. Игралиштето е со димензии 26х42 метри и истото ќе биде опремено со кошеви по стандардите на ФИБА и стативи според димензиите и стандардите на ЕХФ. Средствата за овој објект изнесуваат околу 3 200 000 денари и истите се обезбедени од Буџетот на општина Василево. Игралиштето е лоцирано во училишниот двор, но освен учениците истото ќе можат да го користат и рекреативците. Игралиштето ќе биде оградено и осветлено со што се ствараат услови за спортување и во ноќните часови.
Денес, на лице место беше градоначалникот на општина Василево, г-дин Ванчо Стојанов кој ја потенцираше заложбата на општина Василево и перманентните вложувања што општина ги прави во областа на спортот.
„Во изминатиот период спортот и младите беа во фокусот на општина Василево, а изградбата на спортска инфраструктура беше приоритет како поради задржување на младите овде така и заради нивен поправилен психофизички развој. Наша интенција е сите тие спортски објекти да бидат изградени во школските дворови, без разлика дали се работи за централно или подрачно училиште, како би можеле да го користат и учениците и рекреативците односно сите оние кои сакаат да спортуваат бидејќи сите наши игралишта се осветлени, оградени и се направени за повеќе спортови“.
Зборувајќи низ јазикот на бројќите во изминатиот период како што рече Стојанов општината има изградено пет повеќенаменски игралишта, едно одбојкарско и едно „street basket“ за кои општината од својот буџет има издвоено околу 35 милиони денари. Но ако на тоа се додадат и инвестициите во спортот направени преку Владата на Р.Македонија, Агенцијата за млади и спорт и Министерството за образование и наука, кои инвестираа во изградбата на фудбалското игралиште и спортската сала во Василево, како и во повеќенаменското и дуплото тениско игралиште во с. Ангелци, вкупните вложувања во спортска инфраструктура во општина Василево изнесуваат околу 1 милион евра.
Спортот и спортската инфраструктура и понатаму остануваат во фокусот на општина Василево. Градоначалникот Стојанов ја најави изградбата на игралиште и во населеното место Нова Маала, во дворот на централното училиште, за кое како што рече, деновиве е завршена јавната набавка, а ова како и останатите спортски терени е наменето како за учениците така и за сите останати љубители на спортот.