СДММ-Реакција на прес конференцијата на Унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ
Почитувани,
Младите струмички вмровчиња повторно се изгубени во просторот и времето. Наместо да се загрижени за состојбите во нивната партија по доказите за криминалното владеење на врхушката на ВМРО ДПМНЕ и нивниот лидер Никола Груевски, и наместо да се погрижат да делуваат внатрепартиски со прогресивни идеи за генерално чистење во партијата, тие повторно се занимаваат со теми кои воопшто не им одговараат.
Денешната прес конференција како да ја одржале млади луѓе кои не се од тука, како да се дојдени од некое далечно место, па не знаат за прогресот на општина Струмица и за сите први места што Општината и градоначалникот Зоран Заев ги добиваат од релевантни институции.
И кога овие момчиња и девојки зборуваат за Индустриската зона Сачево, треба да знаат дека купените парцели и заинтересираноста на компаниите за оваа зона, се ставени во мирување токму поради катастрофалните политики на власта во заминување, предводена токму од ВМРО ДПМНЕ и Никола Груевски.
А што се однесува до споредбата на реализираните проекти кои се функционални за доброто на граѓаните, тогаш е повеќе од сигурно дека централната власт може многу да учи од струмичката локална власт.
Затоа ги советуваме „слепите“ членови на Унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ од Струмица, да ги протријат очите и конечно да прогледаат, што се случува на државно и локално ниво. Тоа ќе биде добро и за нив и за партијата во која членуваат.
Сепак, добро е што конечно се фатија за боја. Уште само да ја променат метата кон која боењето е наменето. Ние ќе почекаме. Ќе дојде наскоро и тој убав ден кога ќе сфатат што бранеле и кого бранеле со нивните дејствувања.