Ристо Ѓоргиев- Хилтон – Версаче бегалски кампови

И денес како и секој нормален ден си разгледувам на Фејсбук, ко сиромав во кинеска продавница, се дур не ме стрефи гром од ведро небо. Викаат гром во коприва не удирало, ама ите како удира, кога ќе видиш дека на сред велелепен простор во Аеродром ќе никне бегалски камп.Capture

Срце во пети ми отиде читајќи што СДС без М планира да направи во срцето на урбаната метропола, Скопје 2014. Си викам па имаат ли душа овие бе, по се што Грујо им даде на Аеродромци вака да му вратат. Златна локација за црква, они камп ќе ти граделе.

Продолжувам да читам, и се потам, ладна пот ме облива, си викам кај ни отиде државава. Никому ли не му текнува да му се јави на Миле и од одма измена во ДУП-от па да ги видам јас бегалциве кај ќе се населат.

Левото око почнува да ми солзи, ама јас онака машки, брзо бришам и иако нема никој околу мене, гласно воскликнувам, а бе не плачам, ова од прашина е.

Но, лажам. Лажам, оти срце ме боли, како бе златна власт имавме, а ги пуштивме да си одат. Нејсе, многу крадеа, ама па градеа, па тие ми ти капии, тие ми ти бароци, ах тоа панорамско тркало, а бе Вегас да ни позавиди.

Но, не очајувам. Зошто ме прашувате?

Па драги мои, јас имам 11 години тренинг на браникот на татковината. Одма ми текнува, си викам, СДС без М, нема да успее. Па тука е Иле, Антонио, Грујо, они нема да дозволат бегалско сценарио да пројде во Македонија.

Но поттикнат од креативност која со години ДПМНЕ ја сееше во секој млад македонец, почнувам да размислувам, прогресивно, инвентивно и секако партиски. Си викам, цело ДПМНЕ ни е без функција, (а на партијата и е потребна државата, ова обратно де) ова ќе биде златна кокошка.

Овие од СДС без М секако ќе си го дадат газот под кирија, оти сите знаеме дека само Грујо со помош на Русија може да им каже не на Американиците, па си викај дај да осмислиме, што, како со кампов.

Ко рејтингот на Зајев веднаш на памет ми паѓаат сјајни кадровски решенија. Кампов во Аеродром сам нема да се направи. Си мрморам во себе и тријам раце, охо ќе има бизнис за градежни фирми блиски до фамилијата (не сме го довршиле седиштето, уште нема канал до Охрид, не може човек со глисерот од Скопје до Охрид да се повози).

Е сега, Скопје е земјотресно подрачје и постои голем ризик од земјотрес, па си мислам тука да го ангажираме Одделот за Комуникации на ДПМНЕ, за да може да ја избереме најдобрата платформа за градба. Јас сум на пример, малку поделен, кај нас Бугарската и Албанската платформа се најпопуларни, ама сум зачул по светов дека овие од Белизе правеле платформи глава боли. Темелите се клучни за градба па си викам стручно мислење е потребно.

За стилот во кој кампот ќе биде граден мислам дека нема што да се дискутира. Мора да биде барок. Ко што твитот на Иле потврди, кој и гостин дојде за Супер купот одма се сликаше со барокот. Дилемите се расчистени, барокот е решение кое пали кај народот, а богами и кај странците. (плус најлесно се ќари на стиропор).

Туку, ние сме сериозна нација, па мора и ентериерот да усогласиме, па викам Бети одма да се ангажира како консултант. Бети “је ночима спавала ко пас” по Хилтон, Риц и каде ли ти не, за скромни 3.400 евра на ден.

Буквално не постои човек што може толко многу стил да донесе на едно место, а притоа, не само да биде економичен, туку и да и заштеди пари на државата. Ова е дефинитивно е “no brainer” кадровско решение. Бети че омогучује да имамо Версаче и Долче и Габана, по нова мода, а не ко од овие од СДС без М уште во суканици ко да е 1993.

Ентериот решен, си викам екстериерот, мора да биде во согласност. Паркови и зеленило е резервирано за Коце. По се што направи за Скопје, не верувам дека постои подобар човек да го раззелени Хилтон – Версаче ентериерот на Бети.

Него, одма ми текнува овие се бегалци, ќе пробаат да бегаат, значи фирмата што ја огради владата, ќе мора да го огради и кампот. Реално нема поефтини и подобри барок огради, па еве уште едноставно решение. Шеф на обезбедување, ич нема име да спомнувам, Братучед има да снима и слуша се што се случува во кампот.

Си викам да и ставиме и една вака убава барокна порта, а портир се знае, Крсто наш. А бе пиле нема да пропее на врата (срце ми се топи од оваа кадровско решение).

Си викам, ќе има немири внатре во кампот, па си викам Грујоски и Кочан да ги земеме ко консултанти за бегство. Ќе пробаат, бегалциве со приказни за службен пат, ама тоа нема да пројде кај нив. Со нивното искуство ќе донесеме светски стандарди.

Очигледно, бегалциве се муслимани па си викам, во склоп на демохристијанскиве вредности, Г.Г Стефан со глисеров да ги однесе на сред езеро и да ги прекрсти, па само така прием во кампот. На излегување од езерото, одма бакнување кама и пиштол, заколнување верност на партијата и потпишување меница. Да знаат другариве дека партијата е пред се.

Шеф на возен парк, Диме Спасов. Шеф на Односи, Илче.

Идеиве ми идам ко рој пчели, ко лажни вести на Курир, а бе ко партиски пост за лајкување на Фејсбук, една по една по ред однапред даден од штаб.

Феноменални решенија имам за кампов, него јанѕа ме јаде.

Кај да го ставиме Зврле. Човекот верно си одработи за партијата, него внатре во кампот за него нема место оти, што би во кампот останува во кампот и не подлежи под СЈО.

Е сега, ќе прилегнам троа вечерва и ќе барам чаре за Зврле, оти партијата се грижи за своите.

Него друго ми беше муабетов, како бе не ви е срам по се што Грујо изгради за вас, се што направи за Македонија, на црпнатиот да му дадете власт??

Ако нека ви е. Сега кога СДС без М ќе ви изгради комунистички камп без барок, ќе плачете по способните кадри кои за вас работеа 24/7.

Не давај се Бети, рајата не те заслужува

Сигурно Зајко во недостаток на вистински кадри, ќе затропа на врата да ја праша наша Бети за помош, но сакам да испратам една порака со силна поддршка за Бети:

“Бети драга да не попушташ, рајата не ја заслужува твојата отменост, грациозност и елегантност, нека го поминат животот без Хилтон – Версаче кампови кога не знаеја да те ценат”.

Напишете коментар