Реновираните домови на културата во пет населени места
Општина Струмица ја заврши реконструкцијата на домовите на културата во пет населени места, Костурино, Дабиле, Попчево, Просениково и Добрејци. Градоначалникот Коста Јаневски, денеска, ги посети реконстриураните домови во Костурино, Попчево и Дабиле и клучевите од домовите им ги предаде на претседателите на месните заедници, со што тие и официјално од денеска се во служба на граѓаните. На предавањето на клучевите на Бончо Божиков, претседател на месната заедница на Дабиле, градоначалникот Јаневски потенцираше дека општина Струмица ќе продолжи и понатаму со реализација на проекти со цел приближување на квалитетот на животот во населените места до градската средина.
-Претседателе, јас свечено ви ги предавам клучевите од овој ваш Дом на културата. Чекавме еден извесен период да се реновира. Знаете дека тоа беше една програма на општина Струмица која, еве, ја финишираме. Јас ви посакувам да го користите во здравје овие простории, да ги исполните со содржини, кои што на вас ќе ви преставуваат задоволство и се надевам дека ќе продолжиме со некои следни фази уште повеќе да го оплеменуваме овој простор и вашата средина. Знаете она што е моја заложба и ваша заложба од многу наши средби зборувавме за приближување на квалитетот на животот во населените места до градската средина. Еве, сега можам со задоволство да ви најавам дека напорно работевме населеното место Дабиле да добие канализационен систем, кој многу брзо и ќе се оствари, се надевам дека во текот на наредните денови ќе дојдеме и свечено ќе означиме почеток на уште еден многу позначаен проект. Ви честитам и ви посакувам успех, рече Јаневски.
Претседателот на месната заедница на Дабиле, Бончо Божиков му се заблагодари на градоначалникот Јаневски и на Советот на општина Струмица за извршената реконструкција на домот кој има големо значење за жителите на ова населено место.
-Изразувам една голема благодарност како од мое лично име така и од граѓаните на село Дабиле за добрата соработка меѓу месната заедница и градоначалникот Јаневски и Советот на општина Струмица. Долги години нашиот културен дом се соочуваше со проблеми, но дојде денот кога како месна заедница аплициравме во програмата во буџетот за локален економски развој со што добивме реконструкција на едниот крак од културниот дом и еве сега гледате тоа е фантастично. Вложени се 20 илјади евра со кои што извршена е санација на горниот кров со нови керамиди, нови отпорни дрва, потоа се сменети дрвените прозорци, има нови 12 алуминиумски прозорци, имаме нова електрична инсталација со нов саат. Така да ќе можат од денес натаму граѓаните, мислам младината на село Дабиле, да учествува во користењето на оваа културна сала. Исто така ги повикувам и учениците од основното училиште „Кирил и Методиј“ кое се наоѓа во село Дабиле, да ја користат и во секое време салата е отворена за нив. Исто така ги повикувам и граѓаните од Струмица, од самиот град и од населените места за да можеме да го искористиме капацитетот на оваа сала, рече Божиков.
За реконструкцијата на домовите на градоначалникот Јаневски му се заблагодарија и Ѓорѓи Бачев претседател на месната заедница на селото Попчево и Васил Гогов претседател на месната заедница на Костурино.
Проектот за реконструкција на домовите на културата, општина Струмица го реализираше преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, а неговата реализација чинеше 7.500.590 денари.