Реализирана обука за формативно оценување кај учениците со потешкотии во учењето
Наставниците од одделенска настава во основното општинско училиште „Видое Подгорец“ од Струмица, користејќи ги деновите од зимскиот одмор за учениците, во работна атмосфера ги реализираа содржините и активностите од модулот за инклузивното образование за ранливи групи, кој се однесува на формативното оценување кај учениците со потешкотии во учењето.
Темите за обуката опфатија повеќе цели, меѓу кои учесниците да ја увидат потребата од приспособување на поучувањето, следењето, проверувањето и оценувањето на потребите на сите ученици, вклучувајќи ги учениците со потешкотии во учењето, да се прави разлика меѓу наставни цели и очекуваните исходи/резултати од учењето, да се увиди потребата од планирање на цели и исходи специфични за посебните потреби на ученикот со потешкотии во учењето, да се запознаат стратегиите за давање ефективна усна и пишувана повратна информација, како и да се согледаат предностите на изведбените активности над другите методи на оценување за учење.
Формираниот инклузивен тим и секојдневната наставничка работа со сите ученици е приоритет и се очекува дека ќе вродат плод за подобрување и унапредување на меѓусебните односи на родителите, учениците, наставниците и локалната средина, особено во поглед на користа и ефектот од вклучување на учениците во оценувањето, особено преку приспособувањето на поучувањето, следењето, проверувањето и оценувањето на учениците со потешкотии во учењето.
Оваа обука се реализира во рамките на програмата Инклузивно образование, која се реализира со поддршка на УНИЦЕФ, во соработка со БРО и МЦГО-Скопје, а општина Струмица преку ООУ „Видое Подгорец“ е пилот општина.