Пуштен во употреба новиот паркинг простор со капацитет од 24 возила
Денес и официјално беше пуштен во употреба новиот паркинг простор што се наоѓа позади Основното Јавно Обвинителство во Струмица. Површината на овој простор изнесува 927 метри квадратни, а паркингот има капацитет да прими само 24 возила. Верица Узунова директор на ЈП„ Паркиралишта“ Струмица, на денешната прес конференција, изјави дека досега имаат добиено 17 барања за бесплатно паркирање од станарите кои живеат во оваа зграда. Со цел да се задоволат потребите и на другите возила кои сакаат да се паркираат во центарот на градот, Узунова рече дека ЈП Паркиралишта планира да поднесе предлог решение за градба на еден вид метална конструкција токму на оваа парцела. Од вкупно 24 паркинг места кои се на располагање на овој паркинг простор, едно е наменето за лица со посебни потреби, а две за непречено функционирање на потребите на Основното Јавно Обинителство. Кога ќе се земат во предвид и барањата од станарите за бесплатно паркирање, засега тука остануваат само четири слободни места. Предлогот за новиот паркинг простор позади Основното Јавно обвинителство беше усвоен на 36-та Седница на Советот на општина Струмица.