Промоција на третото издание на збирката „Метрички карван“

На 23 декември (петок) во 19:30 часот во хотел „Аполонија“ во
Гевгелија ќе се оддржи промоција на третото издание на „Метрички
карван“, заедничка поетска збирка на вкупно 21 поет од Гевгелија и
Велес во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ од
Гевгелија.

По „Метрички карван: Гевгелија – Кавадарци“ (2014) и „Метрички карван: Гевгелија –
Струмица“ (2015), ова е трета во низата збирки кои имаат за цел комуникација и
вмрежување на современите поети од Гевгелија со оние од другите градови.
Во пресекот од страната на Гевгелија се застапени поетите: Васил Тоциновски,
Лилјана Пецова Илиевска, Венци Трајков, Жаклина Атанасова, Илија Карајанов,
Олгица Ќурчиева, Стефан Марковски, Стефчо Стефанов, Томе Таушанов и Илија
Џаџев, додека пак, од велешка страна се застапени: Катица Ќулавкова, Павлина
Климкар – Меанџиева, Димитри Соле – Љубин, Лила Арсова, Мане Манушев, Никола
Алтиев, Игор Крајчев, Веле Алексоски, Нада Алексоска, Соња Гаврилова и Игор Чоков.
Збирката ќе ја промовира професорот на Филозофскиот факултет и поет, Иван

Џепароски, кој во рецензијата, меѓу другото, ќе напише:
„Карванот како метафора за движењето и за доближувањето на различните
простори, се чини, најдобро ја епитомизира оваа идеја за надминувања на
растојанијата. На тој начин Гевгелија и Велес стануваат блиски, како што стануваат
блиски и далеку подалечните простори. Тоа уште во првата половина на минатиот
век со својата хуманистичка и космополитска поезија го утврди и основоположникот
на македонската современа поезија велешанецот Кочо Рацин кога пееше: куќа цел
свет братски ми е.“

Уредници на изданието се Стефан Марковски и Дамјан Ѓуров, а графичкото
обликување е дело на Оливера Томиќ.

Напишете коментар