Промоција на Струмичко Литературно Соѕвездие од Иван Котев и Ана Витанова Рингачева

Во четврток на 10 декември со почеток во 19 часот во НУЦК Антон Панов- мала сала, ќе се одржи промоција на книгата Струмичко Литературно Соѕвездие од авторите Иван Котев и Ана Витанова Рингачева.

12348513_10203550137154638_767092533_n
Градот Струмица и неговиот поширок регион имаат далечна низ вековите воспоставена културноисториска традиција преку која се вкрстувале и се прелевале повеќе основоположени цивилизации и култури. Секоја од себе оставала талог во времето како супстрат од трајни вредности, реализирани преку сите форми на културниот и на духовниот живот. Културните и духовните траги од времињата што поминале во тој крај од Македонија останале врежани по камењата, по градбите, по старите пергаментни или хартиени листови на книгите, но и во зборовите или во емоциите како народна меморија за себепрепознавање и себеидентификување. Во современа смисла на восприемање, културното и духовното наследство од минатото го доближува културноисторискиот идентитет до културното сфаќање во сегашноста. Голем бил бројот на културните и на духовните творци кои своите творечки дострели ги создавале на просторот во Струмица и во неговата поширока околина, а нивните дела побудувале и сè уште побудуваат активна импресија на доживување. Нивната традиција се продолжува и од современите творци струмичани, врз чиишто темели ги надградуваат новите творечки достигнувања со уметнички престиж. Но кога нагласуваме струмичани, не мислиме само на оние кои денес живеат во Струмица и во нејзината околина, туку мислиме и на сите оние кои се далеку од неа, а нивниот корен сè уште се храни од животворните сокови на струмичката почва, како и на оние кои откорнати од друго место, пуштиле корени овде, нашле свое прибежиште, се чувствуваат и доживуваат себеси како нераскинлив дел од овој град и од неговиот културен амбиент. Со тоа потенцираме дека во книгата што е пред пошироката читателска јавност ќе се сретнат имиња на автори кои не се родени во Струмица, но сиот свој живот, работата, семејството, творештвото ги создавале во Струмица и во струмичко и придонеле за нејзина афирмација и културно издигнување.

Напишете коментар