Промоција на книгата „Македонска традиционална медицина“ од Драган Јованов
Во Центарот за култура „Антон Панов“ – Струмица во сабота со почеток во 12 часот ќе се одржи промоција на книгата „Македонска традиционална медицина“ од Драган Јованов. „Македонска традиционална медицина“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, премиерно беше претставена во јули оваа година, во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“. Книгата содржи 129 лековити билки што растат кај нас, со детален опис на нивната примена во традиционалната медицина. Покрај тоа, дадени се и 60 рецепти за природни билни препарати со коишто се лекувале нашите предци, собирани од различни извори. Книгата е поделена на три дела. Првиот дел е историски, со податоци како се лекувале Македонците во минатото на традиционален начин. Вториот дел е посветен на лековити растенија, а третиот на традиционални билни рецепти. Пораката е да се вратиме на дарот што ни го дала природата, за да го зачуваме нашето здравје. Драган Јованов е роден во 1986 година во Скопје. Магистрирал на Факултетот за земјоделски науки и храна (Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје), а ги привршува и докторските студии на Аграрниот универзитет во Пловдив, Република Бугарија. Три години по ред (од 2015 до 2017 г.) е добитник на признание за најдобар млад научник во областа на фитомедицината на Европскиот мултидисциплинарен конгрес, што се одржува во Нови Сад, Република Србија. Работи како асистент на Факултетот за еколошки ресурси и храна и безбедност на храна при МИТ универзитетот во Скопје, каде што предава повеќе предмети. Автор е на учебници, прирачници, атласи, како и на низа стручни трудови. Важи за еден од најдобрите млади експерти на Балканот за фитологија, фитотерапија, хербализам и земјоделски науки и храна. Од 2017 година е именуван како посебен советник за екологија и просторно планирање на Претседателот на Владата на РМ.