Претставници на општина Струмица учествуваа на работилницата „Ситуациски анализи и визионирање“ во Крушево
Во рамките на проектот „Граѓанско учество за локална демократија“ во Крушево, се одржa дводневна работилница на тема „Ситуациски анализи и визионирање”. На работилницата учествуваа претставници на граѓанските организации, општинската администрација и Советот на општина Струмица, но и претставници на општините Струга и Центар. Пред работилницата беа реализирани три еднодневни обуки на темите: Алатки за партиципативно планирање, Стратешко планирање и ситуациски анализи и Методи на акциско планирање.
На заедничката работилница во Крушево започнa подготовката на Стратегиите за култура на трите општини, а во понатамошниот период ќе следуваат уште две заеднички работилници – едната од нив ќе се одржи на почетокот на септември 2016 година.
Проектот „Граѓанско учество за локална демократија“ е поддржан од Европската унија и се спроведува од страна на Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) во партнерство со Центарот за развој на локалната демократија (ЦРЛД) во општините Струмица, Струга и Центар. Негова цел е да помогне во зајакнување на влијанието на граѓанското општество во развојот на јавните културни политики и донесувањето одлуки на локално ниво, како и создавање средина која ги охрабрува активностите на граѓанските организации за имплементација на локалните културни политики. Проектот започна со реализација во јануари 2016 година и ќе трае до јуни 2017 година.