Претставници на општина Струмица учествуваа на обука за инклузивно образование
Дел од стручните соработници и по еден одделенски и предметен наставник од основното општинско училиште „Видое Подгорец“ и општинскиот просветен инспектор од Струмица, учествуваа на обука за инклузивно образование, следејќи ги презентациите од Модул 2, под мотото „Работење заедно за создавање инклузивни училишта“. На обуката беа разработени повеќе теми од областа на комуникацијата и соработката, разбирањето на ограничувањата за партиципација, како и градењето на тимови за инклузија.
Преку практични примери и студии на случај, присутните беа активно вклучени во изработката на вежбите и активностите, со зададени домашни задачи за дисеминација на нивните колеги од училиштето. Општина Струмица секогаш излегува во пресрет на барањата за внесување новини во областа на воспитно – образовната работа за ранливите групи, за кои е потребна посебна стратегија за инклузивно образование и секогаш ја дава потребната поддршка како од административно – технички, така и од логистички аспект.
Основното општинско училиште „Видое Подгорец“ е едно од малкуте училишта во Република Македонија, кои преку организираната форма на обуки од УНИЦЕФ, Бирото за развој на образованието и Македонскиот центар за граѓанско образование учествуваат во креирањето на политиката за инклузивно образование.