Претставата „Џон Габриел Боркман“ во режија на Горан Тренчовски ја отвара новата театарска сезона
Со изведбата на претставата „Џон Габриел Боркман“ на Хенрик Ибзен, а во режија на Горан Тренчовски струмичкиот театар во четврток ја отвора новата 2016/2017 сезона.
– Овој наслов првпат се поставува во Македонија. Иако текстот е напишан пред 120 години, до денес е актуелен за што зборуваат големиот број информации кои стигнуваат до нас во ерата на медиумското информирање. Сметам дека заедно со актерскиот ансамбл, претставата ќе биде полн погодок за публиката, рече на денешната прес – конференција директорот на театарот „Антон Панов“, Драган Маџиров.
Режисерот на претставата, Горан Тренчовски смета дека успеале да откријат нови слоеви на социјална ангажираност во претпоследната драма на Ибзен, која, според него, е една од најинтересните.
– Ибзен направи еден исчекор во промовирање на нови ликовни поставености со тоа што оваа драма стана една од поинтересните. Сметам дека промовираме еден нов израз и драмска поетика која е запоставена последниве десетина години. Откривме нови слоеви на социјална ангажираност затоа што компактноста на ликовите и драматуршките партитури даваат можност за современо читање и модерна транскрипција на текстот, вели Тренчовски.
Актерката, гостинка од кумановскиот театар, Јасмина Василева, која ја толкува улогата на Ела Рентхајм, вели дека за неа бил актерски предизвик првпат да го игра Ибзен.
– Како актерка со над 40 премиери првпат работам текст на Ибзен. Затоа пристапив со огромно љубопитство и проучував и читав се за овој драмски писател. Она што секако може да го кажам е дека публиката ќе доживее вистински емоционален ролер-костер, емоционална експлозија, рече Василева.
Сценографијата на претставата е на гостинката од Бугарија, Милева Пантелеева, која вели дека направиле светска претстава.
– Претставата не е на европско туку на светско ниво, малку ни недостасуваат технички можности на сцената кои мислам дека ќе ги има со изградбата на новиот театар. Тогаш Струмица ќе може да ја однесеме во театарските сцени во Европа и пошироко, вели Пантелеева.
Во претставата играат и Кољо Черкезов, Јулија Милкова, Ванчо Василев, Анкица Бенинова, Игор Тодоров, Надица Трајкова и Стојан Стојанов. Костимографијата е на Ванчо Василев, музиката на Марјан Неќак, а дизајнот на плакат по мотиви на Мунк го изработи Александар Филев.