Прес на Васил Пишев-Фирмите на функционер од СДСМ добивале повеќе тендери
Струмица бара оставка од Заев. Нема друга општина каде парите од граѓаните така недомаќински се трошат и разграбуваат. Не само што услугите за превоз што ги плаќа општина Струмица се скоро двојно поскапи, туку и фирмите кои ги добиле ваквите преплатени бизниси се фирми на функционери на СДСМ, изјави на денешната прес-конференција Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ.
Фирмата на функционерот на СДСМ Лефтер Андонов „Тритерол“ ДООЕЛ, не е единствена која добила близу 1 милион евра бизниси од општина Струмица. Тендери од општина Струмица добиле уште две други фирми на Лефтер Андонов со име „Тритерол бенз“ и „Тритерол турс“ ДООЕЛ. Во игра се милиони, а фирмите на Лефтер се апсолутно фаворити за добивање на сите тендери во Струмица. Преку фирмата „Тритерол бенз“ функционерот на СДСМ Лефтер Андонов ја снабдува општина Струмица со нафта, па така во ист ден „Тритерол бенз“ добива три тендери во декември 2012 година во висина од 1,5 милион денари, изјави Пишев.
Истата фирма, рече Пишев, уште еден тендер претходно добила во висина од 389.400 денари.
Истата „Тритерол бенз“ тендери добила и од струмичкото ЈП Комуналец, и тоа во ист ден во висина од цели 12.120.000 денари. Во 2014 година третата фирма на Лефтер Андонов „Тритерол турс“ исто така добива тендер од општина Струмица од дополнителни 115.640 денари. Со други зборови фирмите на функционерот на СДСМ Лефтер Андонов се апсолутни фаворити на сите тендери на Општина Струмица. Кланот Заеви се зголемува и збогатува преку уште една фирма. Затоа ваквите сериозни сомневања за криминал мора да бидат расветлени. Сега е јасно зошто Струмица плаќа зголемена цена на превозот и скоро двојно повеќе од една Битола. Време е СЈО да се откаже од политичките хајки и да почне да се занимава со вистински сомненија за криминал кој постои во општина Струмица. Време е Заев да си оди. Струмица бара оставка од Заев, рече Пишев.