Прес на ОО СДСМ-Струмица за Присилната Наплата на Радиодифузнта Такса

Костадин Костадинов, портпарол на ОО СДСМ Струмица

Струмица, 03.02.2016 год.

 

Почитувани,

 

Покрај секојдневниот арач што го собираат по разни основи, деновиве, над 2 илјади граѓани на Струмица добија решенија за присилна наплата на радиодифузната такса за Македонската радио телевизија.

 

Граѓаните се револтирани и со право реагираат.

 

Најголем дел од решенијата се неосновани затоа што таксата била платена, а тие сега ќе мора да се малтретираат и да го докажуваат тоа пред шалтерите на Управата за јавни приходи. За жал, ова не е прв пат. Минатата година повеќе илјади граѓани се соочија со овој проблем.

 

Извршители на врата, решенија за присилна наплата на такси и даноци, фирми пред банкрот, сиромашни граѓани, ова е реалноста во Македонија, дело на Никола Груевски и власта во заминување.

 

И додека Груевски и фамилијата уживаат во нивниот раскош и луксуз граѓаните се на работ на егзистенцијата.

 

Присилната наплата на радиодифузната такса е уште една потврда дека пропагандата и медиумските хајки на Груевски и фамилијата се платени со парите на граѓаните.

 

И додека над 180 илјади граѓани живеат со по 40 денари на ден, а над 500 илјади живеат на работ на сиромаштијата, за три години во само три телевизии Сител, Канал 5 и Алфа за ширење на владиниот популизам завршиле 13 милиони евра, пари на граѓаните.

 

СДСМ има решенија за излез од медиумскиот мрак.

 

Ќе создадеме медиумски простор за непристрасно и објективно информирање на граѓаните, бидејќи само вистински информираните граѓани може слободно да донесат одлука за иднината на својата држава.

 

Ќе ја укинеме радиодифузната такса.

 

Ќе ја претвориме МРТ од партиски билтен во професионален сервис на сите граѓани и во силен идентитетски столб на Република Македонија.

Напишете коментар