Прес на Марјан Бајрактаров 25.09.2017

Почитувани сограѓани,

Ми претставува огромно задоволство и чест да Ви се претставам и да ја побарам Вашата поддршка на овие локални избори.

Јас сум Марјан Бајрактаров, кандидат за градоначалник на Општина Струмица предложен од ВМРО-ДПМНЕ.

Сакам поблиску да ja споделам со Вас мојата визија за идниот развој на општината, која ќе донесе промени: подобри можности, подобра перспектива и подобар живот.

Во наредните недели, Струмица е исправена пред предизвикот да избере градоначалник кој најдобро ќе работи за потребите на граѓаните и ќе ја направи општината пријатно место за живеење – општина во која е убаво да се расте, работи и старее.

Струмица е мојот град.Тоа е градот во кој пораснав и го основав своето семејствo. Струмица е општината во која сакам нашите деца да продолжат да ги негуваат основните човечки вредности и да изградат одговорност кон заедницата во која живеат.

По професија сум орален хирург. Во животот се трудам чесно, совесно, одговорно и посветено да ги извршувам работните задачи, ставајќи се во служба на хуманоста. Зад мене стојат и повеќе од две децении успешно управување со уште една дејност – угостителството. Еден градоначалник може да биде добар градоначалник само ако е способен правилно да планира и да го насочи човечкиот капитал и ресурсите, секогаш водејќи сметка за приоритетите на граѓаните. Со моето професионално искуство и менаџерски дух оптимално ќе го насочам тој потенцијал за развојна Струмица каква сите ја посакуваме.

Знам дека многумина од Вас се убедени исто како и јас – дека Струмица располага со добри работници и чесни луѓе, но и поволна местоположба и можности за поголем економски развој.Тој потенцијал може да биде успешна приказна со која сите ќе се гордееме. Затоа се потребни посветено водство и визионерски талент. Ќе направам вистински промени да создадам еднакви можности за сите.

За младите луѓе ќе создадеме услови да напредуваат и работат во сопствената општина; високо ќе ја ценам и почитувам стручноста и квалитетните луѓе ќе бидат поставени на вистинските места.

Општината ја гледам како партнер на бизнис секторот која нуди еднакви можности за сите. Преку доделување и уредување на градежно земјиште и намалување на надоместокот за уредување и обезбедувањето на комунална инфраструктура, општината активно ќе го поттикнува основањето и развивањето нови индустриски капацитети и активно ќе учествува во привлекувањето на нови инвеститори. Градинките и училиштата мора да станат пријатно место за децата и учениците, зошто оттаму почнува сѐ. Ќе ги зголемиме хигиенски стандарди и технички ќе ги опремиме. Зградите кои се постари од 40 години ќе добијат нови енергетско-ефикасни фасади и партерно и хортикултуно уредување. Струмица ќе добие вистински функционален пазар. Ќе се реконструираат и модернизираат улиците и булеварите, ќе се направат велосипедски патеки, спортски комплекси, паркови. Прописно ќе се реконструира плоштадот Ќе поставиме стандарди за рамнотежа на градбите и зеленилото и ќе работиме на еднаков развој на градот и населените места.

Почитувани,

Заедно можеме и повеќе и подобро. Повеќето ме познавате. Секогаш сум подготвен да ве сослушам и да помогнам. Повеќе од потребна е вашата доверба да изградиме општина во која ќе има место за сите. Ве повикувам да внесеме нова енергија, нови идеи за заеднички раст – на нас како граѓани и на градот на кој му должиме дела, а не зборови. Ние Струмичани заслужуваме повеќе од она што денес е Струмица.

Со реални и конкретни проекти ќе ги решаваме проблемите и потребите на секое поголемо и помало населено место, секоја улица од општината, секое домаќинство.

За нашата Струмица подготвен сум да го вложам сиот авторитет и капацитет и ве повикувам заедно да ја донесеме промената!

Со нови идеи до ново утро!

Ново утро, нови победи!

Напишете коментар