Преку „Банка за храна“ додели пакети со прехрамбени продукти на сто социјално ранливи семејства
По повод 16. Октомври, Меѓународниот ден на борба против гладот, денес во Домот на АРМ во Струмица, во организација на „Банка за храна“ и „Организацијата на жени“ од општина Струмица, се одржа хуманитарен настан во кој сто социјално ранливи семејства од општината добија пакети со прехрамбени продукти. Претседателката на Организацијата на жени, Ленче Христова, во своето воведно обраќање го истакна проблемот со сиромаштијата во Република Македонија и значењето на „Банка за храна“ за социјално загрозените семејства, потенцирајќи ја заложбата на Општина Струмица и градначалникот Зоран Заев како редовни поддржувачи на сите хуманитарни акции во општината. Претседателот на „Банка за храна“, Душко Христов ја истакна континуираната петгодишна поддршка од Општина Струмица и градоначалникот Зоран Заев, од кои четири години, Општина Струмица е единствената во државата која проектирала средства во Буџетот за помош на сиромашните семејства преку „Банка за храна“. На настанот зборуваше и самохраната мајка и жртва на семејно насилство, Дивна Стојанова, која истакна дека социјално ранливите семејства се заборавени од институциите на државата и дека Општина Струмица и градоначалникот Зоран Заев биле единствените кои и излегле во пресрет во справувањето со тешките услови за живеење, Свое обраќање пред присутните имаше и градоначалникот Зоран Заев, кој констатираше дека Македонија е на самиот светски врв по сиромаштија, и дека тоа е резултат на отсуството на грижа за граѓанинот во државата, изразувајќи убедување дека нештата во Република Македонија драстично ќе се променат во наредниот период. Покрај хуманитарниот аспект на настанот, истиот го одбележа прогласувањето на градоначалникот Заев за Амбасадор на борба против гладот за 2016 година, а признанија им беа доделени и на претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов, како и на маркетот „Здравец“. Инаку Организацијата на жени“ и „Банка за храна“ со финансиска поддршка на Општина Струмица и други институции, до сега успеаа да соберат и доделат околу 20 тони храна.