Поставена е антипаркинг опрема во централното градско подрачје
Јавното претпријатие „Паркиралишта Струмица“ постави антипаркинг опрема во централното градско подрачје. Заради зголеменото присуство на несоодветни возила на плоштадот „Гоце Делчев” во периодот кој не е предвиден за достава на стока како и честата злоупотреба на пристапните влезови кон плоштадот од различни субјекти, Јавното претпријатие денеска на неколку локации во градот постави антипаркинг опрема како би се овозможило ограничување на сообраќајот низ градското корзо.
-Поставувањето на оваа опрема е со цел да се ограничи движењето на моторните возила низ плоштадот, но и да се контролира влезот и излезот на доставувачите на стока. Сведоци бевме на уништување на гранитот на плоштадот и загрозувањето на безбедноста на нашите сограѓани заради зачестената присутност на товарни моторни возила на плоштадот. Со поставувањето на оваа опрема влезот и излезот за достава ќе бидат временски ограничени согласно одлуката донесена на Советот на општина Струмица – изјави Трајче Тасев раководител на паркинг и пајак службата во ЈП „Паркиралишта Струмица“.