После 23 светски фестивали „Исцелител“ и во Струмица
По шест месечната успешна фестивалска турнеја на филмот „Исцелител“ на светските филмски фестивали, филмот на 16 јули во 22:00 часот ќе се прикажува во Струмица.
Како дел од warm up програма на Струмица ОПЕН фестивал, закажана е бесплатна проекција на отворено кај Езерцето, во градскиот парк.
Во текот на месеците мај и јуни „Исцелител“ беше на кино репертоарите во Скопје, Куманово, Прилеп, Штип, Велес, Богданци, Гевгелија, Гостивар, и Неготино а во Скопје се одржа и проекција на отворено во Градскиот парк која имаше повеќе од 9000 посетители.
„Исцелител“ од својата премиера на 9-ти ноември досега, за само шест месеци, се прикажуваше на 23 светски филмски фестивали, од кои два беа од А категорија. Филмот освои 9 меѓународни награди, меѓу кои 5 беа за најдобар филм. „Исцелител“ е прв македонски филм добитник на награда на филмскиот фестивал во Солун во 58 годишното постоење на фестивалот. Тој е добитник и на наградите за најдобар филм во Санта Барбара, САД; Бергамо Филм Митинг, Италија; Филмскиот фестивал во Обањ, Франција и на фестивалот Let’s CEE во Виена.
„Исцелител“ беше прикажан на три филмски фестивали во САД, исто толку во Индија, на најголемиот фестивал во Иран, на еден од најголемите фестивали во Кина, на фестивал во Колумбија, на престижниот „Црни ноќи“ во Естонија и на многу други европски филмски фестивали.
За филмот бравурозни рецензии објавија неколку од најзначајните светски филмски списанија меѓу кои и „Variety“, „Holywood Reporter“, „Screen Daly“ и „Senses of Cinema“, но и значајни балкански и македонски списанија.
Скопската премиера на „Исцелител“ беше на 19-ти ноември 2017 на затворањето на „Синедејс“ а од 20-ти ноември до 12-ти февруари се прикажуваше во кината Милениум и Синеплекс, филмот беше прикажан и во склоп на „Контра кадар“ и „Академска сцена“ во кино Култура и на ФДУ.
Освен во Скопје филмот се прикажуваше во Битола, Штип, Кочани и Кичево. Во кината низ Македонија, „Исцелител“ го погледнаа повеќе од 13 000 гледачи. Главните улоги во „Исцелител“ ги толкуваат: Благој Веселинов и Анастас Тановски, а останатите улоги: Аксел Мехмет, Димe Илиев, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ, Симона Димковска и
други. Автори на музиката се Бранислав Николов, Пеце Трајковски-Брада и Гоце Јованоски, директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер Мартин Иванов, а сценарист, режисер и продуцент е Ѓорче Ставрески. Филмот е во продукција на Фрагмент филм од Скопје.