Порака“ одржа работилница на тема „Заедно креираме“ со поддршка од општина Струмица
Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ од Струмица, одржа работилница на тема „Заедно креираме“ во соработка со членовите на Младинскиот клуб на општинската организација на Црвениот крст.
Оваа работилница е дел од проектот „Заедно да ја пренесеме пораката на лицата со интелектуална попреченост“ кој „Порака“ од Струмица го спроведува во партнерство со Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ од Скопје и здружението за млади „АДОЛУС“ од Струмица.
Проектот финансиски е овозможен од општина Струмица преку V2 Програмата за социјална заштита за 2015 година – трансфер до НВО.
На работилницата, членовите на „Порака“ и младите од Црвениот крст изработуваа заеднички цртежи, колажи, бојадисуваа глинени фигури и други ракотворби. Оваа заедничка активност овозможи приближување на лицата со интелектуална попреченост до секојдневните социјални, културни и забавни активности на младите и успешно се вклопи во главната цел на проектот – интеграција и социјализација на лицата со интелектуална попреченост во пошироката општествена средина, согласно индивидуалните можности и способности на овие лица, а особено преку нивно поврзување со младите кои немаат пречки во менталниот развој.