„ПОРАКА“ и ООУ „Видое Подгорец“ со заедничка работилница „Есенска подготовка на зимница“
Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „ПОРАКА“ од Струмица во просториите на Социјалниот клуб, а во соработка со учениците од основното општинско училиште „Видое Подгорец“ одржа работилница под наслов „Есенска подготовка на зимница“. Преку практична работа, а по рецепт од нашите баби, учесниците во работилницата се запознаа со подготовка, пакување и конзервирање на сезонски зеленчук во корелација со наставниот предмет „Вештини на живеење“. Во пријатна атмосфера, проследена со македонска народна музика, дел од учесниците изработија украси со елементи од македонскиот фолклор, кои беа декорот за наполнетите тегли со сезонски зеленчук. Целта на оваа активност е приближување на народната традиција до лицата со интелектуална попреченост.
Годишната програма за работа на „ПОРАКА“ за 2016 година финансиски е овозможена од општина Струмица преку V2 Програмата за социјална заштита на општина Струмица за 2016 година – трансфер до НВО. Со програмата посебен акцент е ставен на активности за приближување на народната традиција до лицата со интелектуална попреченост, преку заеднички креативни работилници со млади (ученици во општински основни и средни училишта и членови на младински локални организации) и членови на културно-уметнички друштва, фолклорни музички групи и организации.