Платформа „Граѓанска демократија“-79% од Mладите Струмичани би заминале од Македонија!

Имајќи ја во предвид, од една страна,  реалноста со која секојдневно се соочуваме дека се поголем број на млади луѓе ја напуштаат државата, и тврдењето на владата, од друга страна, дека нашата држава е лидер во реформите и нуди прекрасни можности за младите, невладините организации кои сме дел од Платформата „Граѓанска демократија“ спроведовме истражување заради утврдување на причините за овој горлив проблем и дали младитесвојата иднина ја гледаат во Македонија или надвор од неа.

Анкетата е спроведена на територија на општина Струмица, во градот и населените места,  на 346 испитаници на возраст од 18 до 32 години, притоа запазувајќи го родовиот баланс. Истата е составена од 7 едноставни прашања, со цел да се добијат точни и недвосмислени резултати.

На прашањето „Дали би се иселиле од Македонија“, 272 или 79% одговориле со „да“ и 74 или 21% со „не“.

Дали имаат член од семејството или нивното опкружување кои ја напуштиле државата, 78% рекле „да“, а  22% „не“.

На следното прашање, да наведат бројка на луѓе од нивното потесно опкружување кои ја напуштиле земјава, најчестите одговори се „од 1 до 10“ и „од 10 до 20“.

Дури 82% од испитаниците сметаат дека владините политики влијаат врз иселувањето на младите од државата.

На прашањето кои се основните причини за иселување, 82,4 % сметаат дека се од „материјален т.е. егзистенцијален карактер“, а само 0,6% од „духовен“, што покажува дека тврдењето на професорката Тања Каракамишева дека младите се иселуваат поради духовна празнина или невозвратена љубов, не е точно.

Дури 60% од младите луѓе не веруваат дека условите во нашата држава ќе се подобрат.

И на последното прашање, дали поседуваат друг пасош освен македонски, 75% одговорија со „не“, а 25% или една четвртина од испитаниците рекле „да“.

Анкетата беше спроведена теренски и онлајн.

 

Напишете коментар