Пијани Струмичани ги тепале своите сопруги
Кривични пријави се поднесени против двајца струмичани кои ги малтретирале и ги тепале своите сопруги. Првата кривична пријава е поднесена против В.С. (20) од селото Сушица, општина Ново Село, бидејќи тој крвнички ја претепал својата 17-годишна сопруга. Инцидентот се случил пред две недели кога В.С. без поводи и причина почнал да се расправа и да ја навредува малолетната сопруга. Набрзо расправијата кулминирала во жестока тепачка кога тој се нафрлил врз жената и почнал да ја мава со тупаници по главата и по телото и да ја влече за коса, нанесувајќи и повреди во вратот и во окото. Од тепањето жената почнала гласно да вика при што во собата притрчале членови од семејството кои успеале да ја оттргнат од насилниот сопруг. Веднаш по инцидентот претепаната сопруга била пренесена во струмичката болница каде што и била укажана лекарска помош и случајот бил пријавен во полиција. Жената на полицајците им потврдила дека претходно неколкупати била тепана и бркана надвор од домот од сопругот кој постојано бил пијан. Сличен инцидент се случил и во селото Секирник кога Т.К. (62) многу пијан ја нападнал сопругата. Тој во насилството бил спречен од неговиот внук кој кога слушнал врева, дотрчал во куќата и успеал да ја оттргне стрината од пијаниот чичко. Случајот бил пријавен во полиција. Од преземените мерки било утврдено дека пријавениот повеќе години, секојдневно ја малтретирал својата сопруга. Т.К. признал дека ја малтретирал и навредувал сопругата, но одрекувал дека и се заканувал дека ќе ја убие. |
Преземено од Точка.мк