Отворен ден со Комисијата за здравствена заштита, социјална заштита и заштита на децата
Центарот на заедницата на општина Струмица организираше Отворен ден со Комисијата за здравствена заштита, социјална заштита и заштита на децата. Настанот се одржа на 02.06.2016 година во канцеларијата на Центарот на заедницата на општина Струмица во Дом на АРМ – Струмица.
На настанот беа присутни претставници од социјални здруженија и други граѓански организации, претседатели на месни и урбани заедници, вработени во општинската администрација и други заинтересирани граѓани.
На отворениот ден се дискутираше за прашања од надлежност на Општината, а кои се однесуваат на здравствената заштита, социјалната заштита и заштитата на децата.
Најмногу прашања и дискусија имаше околу функционирањето на Дневниот центар за деца со посебни потреби во Струмица и што е она кое може да го направи Општината за да се подобрат условите во истиот. Исто така се дискутираше и за други прашања: пренатрупеноста на детските градинки, улогата на дефектолозите и социјалните работници во образованието и социјализацијата на децата со попречености, се даваа предлози да се формира Општинска правна стручна помош, како и мобилна екипа која ќе може да им помогне на лицата со попречености. Се дискутираше и околу отварањето на пензионерски и геријатриски домови.
Центарот на заедницата на општина Струмица ќе остане во контакт со членовите на Комисијата и ќе се погрижи сите дискутирани прашања и предлози да бидат разгледани од страна на Комисијата и да бидат земени предвид при донесувањето на одлуките на Советот на општина Струмица. Истите ќе бидат доставени и до Меѓуопштинскиот центар за социјални работи – Струмица.