Организацијата на жени Реализира Проект поддржан од општина Струмица
Во рамките на проектот „Преку разговор до толеранција и еднакви можности кај младите во средните училишта“, имплементиран од Организација на жени од Струмица и финансиски поддржан од буџетот на општина Струмица, проектниот тим реализираше средби со раководството на трите средни општински училишта.
Директорите на СОУ „Јане Сандански“, СОУ „Никола Карев“ и СОУ „Димитар Влахов“ беа запознати со проектните активности кои од септември 2015 година треба да се спроведат во училиштата. На средбите беше договорено во секое училиште да биде формиран тим од пет члена од воспитно-наставниот кадар (тројца професори и двајца претставници на стручната служба), како и тим од по 20 ученици. Училишните тимови ќе присуствуваат на едукативните предавања и креативните работилници, со цел нивно запознавање со поимот дискриминација, препознавање и механизми за заштита од истата, како и воведување на принципот на еднаквите можности (со посебен акцент на родовата еднаквост) во секојдневните училишни активности. Вкупно 60 ученици ќе бидат дел и од креативните работилници за мирно разрешување на родови конфликти во училиштата.
Проектниот тим во овој период подготви и 300 анкетни прашалници (по 100 за секое училиште), заради проценка на ставовите на учениците во трите средни училишта во врска со еднаквоста и дискриминацијата. Анкетните прашалници ќе претставуваат мапирање на моменталните размислувања кај учениците во поглед на нивните предрасуди и стереотипи за принципот на еднаквите можности на девојчињата и момчињата и сфаќањето за нивната родова улога во заедницата.
Со директорите на средните училишта беше договорено оваа активност да се спроведе во втората половина на месец септември.
Целта на проектот е да придонесе кон намалување на дискриминацијата по основ на род и пол и подобрување на еднаквоста и толеранцијата меѓу учениците во средните училишта во општина Струмица и истиот е финански поддржан од буџетот на општината за 2015 година во износ од 245.400 денари, во рамките на Програмата V2 – Социјална заштита – трансфер до НВО.